Прескокни кон главната содржина

1 Мојсеева — Битие

Глава 49

  1. 1

    Тогаш Јаков ги повика своите синови и рече: „Соберете се, за да ви кажам што ќе ви се случи во идните денови.

  2. 2

    Соберете се и слушајте, Јаковови синови; слушајте го Израел, својот татко.

  3. 3

    Рувиме, ти си мојот првенец, мојата сила и првиот плод на мојата моќ, прв по достоинство и прв по сила.

  4. 4

    Но си нестабилен како вода и нема да останеш прв, зашто се качи на постелата на својот татко и тогаш ја оскверни. На мојата постела се качи!

  5. 5

    Симеон и Леви се браќа; нивните мечеви се оружје на насилство.

  6. 6

    Душо моја, не влегувај во нивниот совет; моја чест, не му се придружувај на нивното собрание, зашто во својот гнев убија луѓе, а своеволно им ги пресекоа жилите на воловите.

  7. 7

    Проклет да е нивниот гнев, зашто беше жесток, и нивната јарост, зашто беше сурова! Ќе ги разделам во Јаков и ќе ги распрснам во Израел.

  8. 8

    Јудо, тебе ќе те фалат твоите браќа. Твојата рака ќе биде врз вратот на твоите непријатели; синовите на твојот татко ќе ти се поклонуваат.

  9. 9

    Јуда е млад лав. Од плен се крена, сине мој. Легна и се испружи како лав и како лавица; кој ќе го разбуди?

  10. 10

    Владетелскиот стап нема да се оддалечи од Јуда, ниту власта од меѓу неговите нозе, додека не дојде Оној Кому Му припаѓа власта; нему ќе Му се покоруваат народите.

  11. 11

    Тој го врзува своето осле за лозата, а младенчето на магарицата за најдобрата лоза. Ја пере својата облека во вино и својата наметка во крвта на грозјето.

  12. 12

    Очите му се потемни од вино, а забите побели од млеко.

  13. 13

    Завулон ќе живее покрај морскиот брег; ќе биде пристаниште за бродови, а неговата граница ќе се протега кон Сидон.

  14. 14

    Исахар е силно магаре што лежи меѓу кошарите.

  15. 15

    Кога виде дека почивалиштето е добро и земјата пријатна, го наведна рамото под товарот и стана слуга под принуда.

  16. 16

    Дан ќе му суди на својот народ како едно од Израелевите племиња.

  17. 17

    Дан ќе биде змија покрај патот, отровница покрај патеката, која го каснува коњот за петиците, па неговиот јавач паѓа наназад.

  18. 18

    Господи, го чекам Твоето спасение!

  19. 19

    Гад ќе го напаѓаат разбојнички чети, но тој ќе ги нападне по петиците.

  20. 20

    Храната на Асир ќе биде богата, и тој ќе дава царски јадења.

  21. 21

    Нефталим е пуштена кошута што кажува убави зборови.

  22. 22

    Јосиф е плодна гранка, плодна гранка покрај извор; неговите гранки се простираат преку ѕидот.

  23. 23

    Стрелците го огорчуваа, стрелаа врз него и го прогонуваа.

  24. 24

    Но неговиот лак остана цврст, а неговите раце се зајакнаа преку рацете на Силниот на Јаков, оттаму е Пастирот, Израелевиот Камен,

  25. 25

    преку Бог на твојот татко, Кој ќе ти помага, и преку Семоќниот, Кој ќе те благословува со благослови од небото горе, со благослови од бездната долу, со благослови на градите и утробата.

  26. 26

    Благословите на твојот татко ги надминаа благословите на моите татковци до најдалечните врвови на вечните ридови. Нека бидат врз главата на Јосиф и врз темето на оној што беше одделен од своите браќа.

  27. 27

    Венијамин е граблив волк; наутро го јаде пленот, а навечер го дели грабежот.“

  28. 28

    Тоа се дванаесетте Израелеви племиња, и тоа е она што им го рече нивниот татко кога ги благослови. Секого го благослови со благословот што му припаѓаше.

  29. 29

    Потоа им заповеда: „Јас наскоро ќе се приберам кај својот народ. Погребете ме кај моите татковци во пештерата што е во нивата на Хетеецот Ефрон,

  30. 30

    во пештерата во нивата Махпела, спроти Мамре во Хананската земја, која Авраам ја купи заедно со нивата од Хетеецот Ефрон како сопствено гробно место.

  31. 31

    Таму ги погребаа Авраам и неговата жена Сара; таму ги погребаа Исак и неговата жена Ревека, а таму ја погребав и Лија.

  32. 32

    Нивата и пештерата во неа беа купени од Хетејците.“

  33. 33

    Кога Јаков заврши со заповедите кон своите синови, ги повлече нозете на постелата, издивна и се прибра кај својот народ.