Прескокни кон главната содржина

Авакум

Глава 1

  1. 1

    Пророчко видение што го имаше пророкот Авакум.

  2. 2

    Докога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш?

  3. 3

    Зошто ми дозволуваш да гледам беззаконие, и да гледам неволи? Грабежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор.

  4. 4

    Поради тоа законот ја изгуби силата, нема веќе праведен суд: безбожникот го победува праведниот, и затоа судот се искривува.

  5. 5

    Погледајте меѓу народите, видете - и многу ќе се зачудите и восхитите: зашто во ваше време Јас ќе извршам такво дело, за кое вие не би поверувале, дури и да ви го раскажат.

  6. 6

    Зашто Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по пространствата на земјата за да завладее населби што нему не му припаѓаат.

  7. 7

    Тој е страшен и ужасен; тој самиот е и суд и власт.

  8. 8

    Неговите коњи се побрзи и од леопарди и поустремни од вечерни волци; неговата коњица се движи брзо; јавачи му доаѓаат од далеку, налетуваат како орел што се спушта над пленот.

  9. 9

    Сите доаѓаат за насилство; го устремува лицето и тој собира заробеници како песок.

  10. 10

    И со цареви се подигрува, а владетелите му служат за потсмев; над секоја тврдина тој се смее: насипува земја и ја освојува.

  11. 11

    Во таков случај духот му станува горд, минува и станува виновен; неговата сила му е бог.

  12. 12

    Но, зар не си Ти од векот Господ мојот Бог, мојот Светец? Ние нема да умреме! Ти, Господи, го определи за суд; Ти, Карпо моја, го постави за казна.

  13. 13

    Твоите очи се премногу чисти за да гледаат зло и Ти не можеш да го поднесуваш угнетувањето. Зошто гледаш злодејци и молчиш, кога безбожникот проголтува човек што е поправеден од него?

  14. 14

    И ги оставаш луѓето како риби во морето и како морски суштества, кои немаат господар?

  15. 15

    Сите тие со јадици ги лови, ги лови во својата мрежа, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели.

  16. 16

    Затоа на својата мрежа ѝ принесува жртва и на мрежата ѝ кади со темјан, зашто од нив делот му е мрсен и храната му е вкусна.

  17. 17

    Па заради тоа ќе сака ли да ја испразни својата мрежа и постојано да ги убива народите безмилосно?