Авакум
Глава 2
- 1
Ќе застанам на својата стража и ќе стојам на кулата, ќе набљудувам за да разберам што ќе ми каже Тој, и што да одговорам кога ќе бидам укорен.
- 2
Ми одговори Господ и ми рече: Запиши го видението и одбележи го на плочи јасно, та оној што ќе чита, да може да го прочита;
- 3
зашто видението се однесува на определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто ќе наиде и нема да забави. Иако изгледа дека доцни, ќе дојде.
- 4
И ете, гордата душа нема да се успокои, а праведникот преку верата ќе живее.
- 5
Гордиот човек, како виното, нема да се успокојува; тој ја раширува својата душа како подземјето, и ненаситен е како смртта; ги собира кај себе сите народи и ги ограбува сите племиња.
- 6
Нема ли сите тие да го земат за потсмев и да испеат иронична песна: „Тешко му на оној што без мерка се збогатува, и тоа не со свое, докога? И натрупува залози.“
- 7
Нема ли да станат наеднаш оние што ќе те измачуваат, и нема ли против тебе да се кренат грабители и ти ќе им станеш за грабеж?
- 8
Бидејќи си ограбил многу народи, и тебе ќе те ограбат сите други народи, зашто си пролеал човечка крв, зашто си ја разорил земјата, градот и сите што живеат во него.
- 9
Тешко му на оној што се лакоми кон неправедни печалби за својот дом, за да го изгради својот дом на високо и така да се запази од раката на злото.
- 10
Си смислил срам за својот дом, откако истребил многу народи, и си згрешил против својата душа.
- 11
Камењата од ѕидовите ќе повикаат и дрвените греди ќе им одговорат:
- 12
„Тешко му на оној што ѕида град над крв и гради тврдини над неправедност!“
- 13
Ете, не е ли тоа од Господ на небесните војски што народите се трудат за она што ќе го проголта огнот и племињата се измачуваат напразно?
- 14
Зашто земјата ќе се исполни со Господовата слава онака како што водите го исполнуваат морето.
- 15
Тешко му на оној што го пои својот ближен со пијалок, измешан со својата злоба, за да ја види неговата голотија!
- 16
Ти си презаситен со срам наместо со слава; пиј, пак, и ти и покажи ја својата голотија и кон тебе ќе се сврти Господовата десна рака и срамот на твојата слава.
- 17
Зашто твоето насилство врз Ливан ќе падне над тебе, зашто си истребувал уплашени животни, бидејќи си пролевал човечка крв, си ги опустошувал земјата, градот и сѐ што живее во него.
- 18
Каква корист има од резан лик, направен од уметник, од тој леан идол што учи лага, кога неговиот творец, правејќи неми идоли, ќе се надева на своето дело?
- 19
Тешко му на оној што на дрво вели - ‚стани‘ - и на нем камен - ‚разбуди се‘. Ќе научи ли тој некого на нешто? Ете, тој е опкован со злато и сребро, но здив во него нема.
- 20
Господ е во Својот свет храм: нека молчи целата земја пред Неговото лице!