Авакум
Глава 3
- 1
Молитвата на пророкот Авакум - за пеење.
- 2
Господи, чув вест од Тебе и се уплашив. Господи, оживеј го Своето дело во нашите години, објави го во текот на годините, а во Својот гнев сети се на милост.
- 3
Бог дојде од Теман и Светецот од планината Фаран. Неговото величие ги покри небесата, и Неговата слава ја исполни земјата.
- 4
Неговиот сјај Му е како сончева светлина, а од Неговите раце излегуваат зраци, и тука е скривалиштето на Неговата сила.
- 5
Пред Неговото лице оди чума, а по Неговите стапки огнена треска.
- 6
Тој стана и земјата се затресе; погледа - и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа; но Неговите патишта се вечни.
- 7
Натажени ги видов шаторите на Кушан; се стресоа шаторските платна на Мадијамската земја.
- 8
Зар против реките, Господи, пламнал Твојот гнев? Зар против реките е Твоето негодување, или, пак, против морето е Твојот гнев - па си седнал на Своите коњи, на победничките бојни коли?
- 9
Ти го извади Својот лак според клетвениот завет, даден на племињата, ја раздели земјата со реки.
- 10
Кога Те видов, планините затреперија, водите навалија; бездната го пушти својот глас и нагоре ги крена своите раце.
- 11
Сонцето и месечината застанаа на своето место пред блесокот на Твоите вперени стрели, пред светкањето на Твоите блескави копја.
- 12
Во гнев одиш по земјата и во негодување ги газиш народите.
- 13
Ти излегуваш за спасение на Твојот народ, за спасение на Својот помазаник. Ти ја поразуваш главата на безбожниот дом, оголувајќи го од петите до врвот.
- 14
Со неговите копја Ти ја пронизуваш главата на неговите водачи, кога како виор се спуштаат да ме разбијат, радосни, зашто мислеа дека скришум ќе го проголтаат сиромашниот.
- 15
Со Своите коњи отвори пат преку морето, преку длабините на големите води.
- 16
Јас чув и мојата внатрешност затрепери, од Твојот глас затреперија и моите усни, болка почувствував во моите коски, и местото под мене трепери; а јас требаше да бидам спокоен во денот на бедата, кога ќе дојде напаѓачот против мојот народ.
- 17
Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар маслината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и говеда во оборите да нема,
- 18
јас и тогаш ќе се радувам во Господ и ќе се веселам во Бог на моето спасение.
- 19
Господ Бог е мојата сила: Тој ќе ги направи моите нозе како на елен и ќе ме поведе по моите височини.