Софонија
Глава 1
- 1
Господовиот збор што му дојде на Софонија, синот на Хусија, син на Годолиј, син на Амариј, син на Езекија, во деновите на Јосија, син на Амон, Јудиниот цар.
- 2
Сѐ ќе истребам од земјата - вели Господ;
- 3
Ќе ги истребам луѓето и добитокот, небесните птици и морските риби, и сѐ што наведува на грев, заедно со безбожниците. Ќе ги отстранам луѓето од лицето на земјата“, вели Господ.
- 4
И ќе ја протегнам Својата рака над Јуда и над сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатокот од Ваал, името на идолските свештеници со свештениците,
- 5
И оние што на покривите се поклонуваат на небесната војска, и оние што Му се поклонуваат на Господ и се колнат во Него, а истовремено се колнат и во Молох,
- 6
како и оние што отстапија од Господ, не Го бараат Господ ниту прашуваат за Него.
- 7
Замолкни пред Господ Бог, зашто близу е Господовиот ден. Господ веќе ја подготви жртвата и ги посвети Своите поканети гости.
- 8
Во денот на Господовата жртва Јас ќе ги посетам владетелите, синовите на царот и сите што се облекуваат во туѓинска облека;
- 9
ќе ги посетам во оној ден сите што го прескокнуваат прагот и го исполнуваат домот на својот Господ со насилство и измама.
- 10
Во тој ден“, вели Господ, „ќе се слуша вик од Рибната Порта, ридање од Втората населба и силен трескот од ридовите.
- 11
Плачете жители од долниот дел на градот, зашто ќе исчезнат сите трговци; истребени ќе бидат сите што носат сребро.
- 12
Во тоа време ќе го пребарам Ерусалим со светилки и ќе ги казнам луѓето што лежат врз својот вински талог и во срцето велат: ‚Господ нема да направи ни добро ни зло“.
- 13
Нивното богатство ќе стане плен, а нивните куќи ќе бидат опустошени. Ќе градат куќи, но нема да живеат во нив; ќе садат лозја, но нема да пијат вино од нив.
- 14
Близу е големиот Господов ден, близу е и доаѓа многу брзо! Слушнете го гласот на Господовиот ден! Тогаш и јунакот горко ќе извика.
- 15
Тој ден е ден на гневот, ден на жалост и на тескоба, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив,
- 16
ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули.
- 17
Ќе ги доведам луѓето во неволја, па ќе одат како слепи, зашто згрешија против Господ. Нивната крв ќе биде расфрлена како прав, а нивните тела како измет.
- 18
Ниту нивното сребро, ниту нивното злато нема да може да ги спаси во денот на Господовиот гнев, а од огнот на Неговата ревност ќе биде уништена таа земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите нејзини жители.