Прескокни кон главната содржина

Софонија

Глава 2

  1. 1

    Соберете се, соберете се внимателно, бесрамен народе,

  2. 2

    пред да се изврши одредениот суд, пред денот да мине како плева, пред да дојде врз вас жестокиот Господов гнев, пред да настапи врз вас денот на Господовиот гнев.

  3. 3

    Побарајте Го Господ, сите смирени на земјата, вие што ја извршувате Неговата правда; побарајте ја праведноста, побарајте ја понизноста; можеби ќе бидете сокриени во денот на Господовиот гнев.

  4. 4

    Зашто Газа ќе биде напуштена и Аскалон ќе запусти, Ашдод ќе биде изгонет среде ден, а Екрон ќе се искорени.

  5. 5

    Тешко вам, жители на морскиот брег, народе Керетејски! Господовиот збор е против вас, Ханане, земјо на Филистејците! Ќе те уништам, така што нема да остане ниеден жител.

  6. 6

    Па ќе стане приморскиот крај пасишта со овчарски колиби и трла.

  7. 7

    Тој крај ќе му припадне на остатокот од Јудиниот дом; таму ќе пасат, а навечер ќе почиваат во куќите на Аскалон, зашто Господ, нивниот Бог, ќе се погрижи за нив и ќе ја обнови нивната состојба.

  8. 8

    Го чув потсмевот на Моав и навредите од Амонците, како се подигруваат со Мојот народ и како се шират во неговите предели,

  9. 9

    Затоа, жив сум Јас, вели Господ над војските, Израелевиот Бог: Моав ќе стане како Содом, а Амонците како Гомор, место обраснато со коприви, солени јами и вечна пустош. Остатокот од Мојот народ ќе ги ограби, а преостанатите од Мојот народ ќе ги наследат нивните земји.

  10. 10

    Тоа ќе им биде казна за нивната гордост, зашто се подигруваа и се воздигнуваа против народот на Господ над војските.

  11. 11

    Страшен ќе биде Господ за нив, зашто ќе ги обессили сите богови на земјата; и Нему ќе Му се поклонат сите острови на народите, секој од своето место.

  12. 12

    И вие, Етиопјани, ќе бидете поразени од Мојот меч.

  13. 13

    Господ ќе ја протегне Својата рака на север, ќе ја уништи Асирија, а Ниневија ќе ја претвори во урнатина, во место суво како пустина,

  14. 14

    и стада ќе лежат по неа и секаков вид животни: пеликан и еж ќе ноќеваат во нејзините столбови; нивниот глас ќе се разнесува низ прозорците, уривањето ќе се покаже на прагот, зашто ќе бидат оголени нејзините кедрови облоги.

  15. 15

    Еве го веселиот град, кој живееше безгрижно и си велеше во своето срце: „Јас сум, и нема друг освен мене!“ Како стана пустош, легло за диви животни! Секој што ќе помине покрај него ќе потсвирне со потсмев и ќе замавне со раката.