Софонија
Глава 3
- 1
Тешко му на непокорниот, осквернет и насилнички град!
- 2
Не слуша глас, не прифаќа поука, не се надева на Господ, не се приближува до Својот Бог.
- 3
Неговите владетели се како лавови што рикаат, неговите судии - вечерни волци, кои до утрината не оставаат ниту една коска.
- 4
Неговите пророци се дрски и неверни луѓе; неговите свештеници го осквернуваат светилиштето и го прекршуваат Законот.
- 5
Господ е праведен среде него, не врши неправедност, секое утро ја објавува Својата правда на видело, но неправедниот не знае за срам.
- 6
Јас ги истребив народите; нивните утврдени кули се разурнати. Ги опустив нивните улици, така што никој не минува по нив; нивните градови се запустени, без човек и без жител.
- 7
Јас реков: „Само плаши се од Мене и прими поука!“ Тогаш неговото живеалиште немаше да биде уништено, според сето она што го определив за него. Но тие упорно ги расипуваа сите свои дела.
- 8
Затоа чекајте Ме, вели Господ, до денот кога ќе станам да го земам пленот; зашто Моја одлука е да ги соберам народите и да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Својот гнев, сета жестина на Мојот гнев; зашто во огнот на Мојата ревност ќе биде проголтана целата земја.
- 9
Тогаш ќе им дадам на народите чисти усни, сите да го повикуваат името на Господ и еднодушно да Му служат.
- 10
Од другата страна на реките на Куш, Моите поклоници, Моите расеани, ќе Ми принесат дарови.
- 11
Во тој ден нема да се срамуваш поради сите свои дела со кои згреши против Мене, зашто тогаш ќе ги отстранам од твојата средина оние што се фалат со својата гордост; и нема повеќе да се воздигнуваш на Мојата света планина.
- 12
Но ќе оставам среде тебе понизен и сиромашен народ, и тие ќе се надеваат на Господовото име.
- 13
Израелевиот остаток нема да врши неправедност ниту да зборува лага, и во нивната уста нема да се најде измамлив јазик, зашто сами ќе си пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува.
- 14
Радувај се, Сионова ќерко, воскликнувај, Израеле, весели се и радувај се од сѐ срце, Ерусалимска ќерко:
- 15
Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони твојот непријател. Господ, Израелевиот Цар, е среде тебе: нема повеќе да видиш зло.
- 16
Во оној ден ќе му речат на Ерусалим: „Не плаши се“ и на Сион: „Нека не ослабнат твоите раце.“
- 17
Господ, твојот Бог, е во твојата средина. Тој е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе те смири во Својата љубов, ќе се радува за тебе со песни.
- 18
Оние што тагуваат за празничните собири, Јас ќе ги соберам; оние што ти припаѓаат, за кои срамот беше товар.
- 19
Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е хромо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава во секоја земја каде што беа посрамени.
- 20
Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе ја обновам вашата благосостојба пред вашите очи, вели Господ.