Агеј
Глава 1
- 1
Во втората година на царот Дариј, во шестиот месец, на првиот ден во месецот, Господовиот збор дојде преку пророкот Агеј до Зоровавел, синот на Салатиил, управител на Јуда, и до Исус, синот на Јоседек, првосвештеникот.
- 2
Вака вели Господ на небесните војски: „Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради Господовиот дом.“
- 3
И ми дојде Господовиот збор преку пророкот Агеј, велејќи:
- 4
„А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, додека овој Дом е опустошен?“
- 5
Затоа сега вака вели Господ на небесните војски: „Размислете добро за своите патишта.
- 6
Вие сеете многу а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.“
- 7
Така вели Господ на небесните војски: „Размислете добро за своите патишта.
- 8
Качете се на планината, донесете дрва и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославам, вели Господ.
- 9
Очекувате многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го растурам. Зошто? - вели Господ на небесните војски: Затоа што Мојот дом е запустен, а вие пак трчате кон својот дом.
- 10
Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови.
- 11
Затоа повикав суша над земјата, над планините, над житото, над гроздовите, над маслото и над сѐ што се раѓа од земјата, и над човекот и над добитокот, и над секој труд на вашите раце.“
- 12
И Зоровавел, синот на Салатиил, и Исус, синот на Јоседек, и сиот останат народ го послуша гласот на Господ, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се исплаши од Господ.
- 13
Тогаш Агеј, Господовиот гласник, испратен од Господ, му рече на народот: „Јас сум со вас“ - вели Господ.
- 14
И Господ го подигна духот на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јуда, духот на Исус, синот на Јоседек, првосвештеникот, и духот на сиот останат народ - и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господ на небесните војски, својот Бог;
- 15
а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец, во втората година на царот Дариј.