Прескокни кон главната содржина

Агеј

Глава 2

  1. 1

    Во седмиот месец, на дваесет и првиот ден од месецот, Господовиот збор дојде преку пророкот Агеј:

  2. 2

    „Кажи им сега на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јуда, и на Исус, синот на Јоседек, првосвештеникот, и на останатиот народ:

  3. 3

    ‚Кој од вас останал што го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи?

  4. 4

    Но охрабри се сега, Зоровавел, - вели Господ - ободри се, Исус, сине на Јоседек, првосвештенику, охрабри се, сиот народ на земјата - вели Господ - и работете, зашто Јас сум со вас“, вели Господ на небесните војски.

  5. 5

    „Според заветот што го склучив со вас кога излеговте од Египет, Мојот Дух ќе биде меѓу вас; не плашете се!“

  6. 6

    Зашто вака вели Господ на небесните војски - уште еднаш - и ете, скоро ќе се случи тоа - ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното;

  7. 7

    Ќе ги стресам сите народи - и ќе дојде Оној, Кого Го бараат сите народи и ќе се исполни овој Дом со слава“, вели Господ на небесните војски.

  8. 8

    „Среброто е Мое и златото е Мое“ - вели Господ на небесните војски.

  9. 9

    „Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот - вели Господ на небесните војски; и на ова место ќе му дадам мир“, вели Господ на небесните војски.‘

  10. 10

    На дваесет и четвртиот ден од деветтиот месец, во втората година на Дариј, Господовиот збор дојде преку пророкот Агеј:

  11. 11

    „Вака вели Господ на небесните војски: прашај ги свештениците за Законот:

  12. 12

    „Ако некој би носел осветено месо во полата од својата облека, и со полата би се допрел до леб, или до нешто варено или до вино, или до масло, или до какво било друго јадење, дали би се осветило тоа?“ Одговорија свештениците и рекоа: ‚Не.‘

  13. 13

    Потоа пак рече Агеј: „Ако некој нечист од мртовец би се допрел до тоа, дали би станало тоа нечисто?“ Одговорија свештениците и рекоа: ‚Ќе стане нечисто.‘

  14. 14

    Тогаш рече Агеј - таков е и овој народ, такво е и ова племе пред Мене, вели Господ, и такви се сите дела на неговите раце! Па што и да принесувате, сѐ ќе биде нечисто.

  15. 15

    А сега размислете за времето од овој ден наназад, кога уште не беше положен камен на камен во овој Господов храм.

  16. 16

    Порано, кога доаѓавте до куп жито од кој очекувавте дваесет мерки, се добиваа само десет; кога доаѓавте до каца од која очекувавте педесет мерки, таа даваше само дваесет.

  17. 17

    Ве поразував со житна пламеница и со мувла и со град во сите работи на вашите раце, но вие не се обрнавте кон Мене, вели Господ.

  18. 18

    Свртете ги вашите срца на времето од денес и наназад, од дваесет и четвртиот ден во овој деветти месец, од денот кога беше основан храмот Господен; обрнете ги вашите срца:

  19. 19

    Има ли уште во житниците семе? Досега ни лозата, ни смоквата, ни нарот, ни маслината не даваа плод; а од денес Јас ги благословувам.

  20. 20

    И му дојде Господовиот збор на пророкот Агеј по вторпат на дваесет и четвртиот ден од месецот, и беше речено:

  21. 21

    „Кажи му на Зоровавел, управителот на Јуда: ќе го затресам небото и земјата;

  22. 22

    ќе урнам престолите на царствата, ќе превртам бојни коли и оние што седат во нив; ќе бидат соборени и коњите, а нивните коњаници ќе паднат, еден од мечот на другиот.

  23. 23

    Во тој ден, вели Господ на небесните војски, ќе те земам, Зоровавел, сине на Салатиил, Мој слуга, вели Господ, и ќе те поставам како печатен прстен, бидејќи те избрав.“