Захарија
Глава 1
- 1
Во осмиот месец, во втората година на Дарија, му дојде Господовиот збор на пророкот Захарија, синот на Варахиј, синот на Адо, велејќи:
- 2
„Се разгневи Господ на вашите татковци со голем гнев.“
- 3
Затоа кажи им: „Вака вели Господ на небесните војски: ‚Обратете се кон Мене‘, вели Господ на небесните војски, ‚и Јас ќе се обратам кон вас.‘“
- 4
Не бидете како вашите татковци, на кои поранешните пророци им викаа: „Вака вели Господ на небесните војски: ‚Одвратете се од своите лоши работи!‘“ Но тие не Ме послушаа ниту внимаваа на Мене, вели Господ.
- 5
Каде се вашите татковци, па и пророците можат ли да живеат вечно?
- 6
Но Моите зборови и Моите наредби, што им ги заповедав на Моите слуги, пророците, зар не ги постигнаа вашите татковци? И тие се обраќаа и велеа: како што беше определил Господ на небесните војски да постапи со нас според нашите патишта и според нашите дела, така и постапи.
- 7
На дваесет и четвртиот ден од единаесеттиот месец - а тоа е месецот Шеват - во втората година на Дарија, му дојде Господовиот збор на пророкот Захарија, синот на Варахиј, синот на Адо:
- 8
Во текот на ноќта видов - ете, еден маж на црвен коњ стои меѓу мирти, што беа во долот, а зад него црвени, сиви и бели коњи,
- 9
па му реков - кои се овие, мојот господине? А ангелот, кој зборуваше со мене, ми рече: ‚Јас ќе ти покажам кои се тие.‘
- 10
И одговори мажот што стоеше меѓу миртите, и рече - ‚Тоа се оние кои Господ ги испратил да ја обиколуваат земјата.‘
- 11
Тогаш тие му одговорија на Господовиот ангел, кој стоеше меѓу миртите, па му рекоа - ‚Ете, ја обиколивме целата населена земја и таа е спокојна.‘
- 12
Им одговори Господовиот ангел и им рече: „Господи на небесните војски, докога нема да се смилуваш над Ерусалим и над Јудините градови, на кои се гневиш, еве, веќе седумдесет години?“
- 13
Тогаш Господ му одговори на Својот ангел со добри и утешни зборови.
- 14
И ми рече ангелот, кој зборуваше со мене: - извести и кажи - вака вели Господ на небесните војски: „Ревнувам за Ерусалим и за Сион многу;
- 15
и негодувам со големо негодување против народите што живеат во спокој, зашто Јас малку се разгневив, а тие го зголемија злото.“
- 16
Затоа вака вели Господ: ‚Јас се обрнувам кон Ерусалим со милосрдност; во него ќе се изгради Мојот дом, вели Господ на небесните војски, и земномерно јаже ќе се протегне низ Ерусалим.‘
- 17
Извести го уште и за ова, и кажи - вака вели Господ на небесните војски: ‚Моите градови одново ќе се исполнат со богатства, и Господ ќе го утеши Сион и пак ќе го избере Ерусалим.‘
- 18
Ги подигнав очите и ете, четири рога.
- 19
И му реков на Ангелот, кој зборуваше со мене: што се овие? А тој ми одговори: ‚Тоа се роговите што ги распрснаа Јуда, Израелот и Ерусалим.‘
- 20
Потоа Господ ми покажа четири дрводелци.
- 21
Пак реков: што ќе прават овие? А тој ми рече: тоа се роговите што го распрснаа Јуда, така што никој од нив не може да си ја подигне главата; и, ете, тие дојдоа да ги уплашат, да им ги скршат роговите на народите, кои подигнаа рог против земјата на Јуда за да ја распрснат.