Захарија
Глава 2
- 1
И пак ги подигнав очите и видов: и, ете, еден маж, кој во раката имаше мерно јаже.
- 2
Го прашав: „Каде одиш?“ Тој ми рече: одам да го измерам Ерусалим, за да видам колкава му е ширината и колкава му е должината.
- 3
Тогаш ангелот, што зборуваше со мене, излезе, а друг ангел му дојде во пресрет,
- 4
и тој му рече на оној: Побрзај и кажи му на овој млад човек - Ерусалим ќе се насели по селата поради многуте луѓе и добиток во него.
- 5
„И Јас ќе му бидам огнен ѕид околу него, вели Господ, и ќе се прославам во него.
- 6
Еј, еј! Бегајте од северната земја, вели Господ, зашто Јас ќе ве соберам од четирите ветра небески, вели Господ.
- 7
Спасувај се, Сионе, ти што живееш кај Вавилонската ќерка.
- 8
Зашто така вели Господ Седржителот, Кој ме прати за слава меѓу народите, што ве пљачкосуваа: зашто кој ќе се допре до вас, ќе се допре до зеницата на Моето око.
- 9
И, ете, Јас ќе ја кренам Својата рака против нив, и тие ќе станат плен на своите слуги.“ Тогаш ќе познаете дека Господ на небесните војски ме пратил.
- 10
„Ликувај и весели се, Сионова ќерко, зашто ете, Јас ќе дојдам и ќе се населам во тебе“, вели Господ.
- 11
И многу народи ќе се придружат кон Господ во оној ден и ќе станат Негов народ. И Тој ќе се насели меѓу тебе, и тогаш ќе разбереш дека Господ на небесните војски ме испратил кај тебе.
- 12
Тогаш Господ ќе го земе во владение Јуда, Својот дел на светата земја, и пак ќе го избере Ерусалим.
- 13
Нека молчат сите луѓе пред лицето на Господ, зашто Тој стана во облаците од Своето свето живеалиште.