Захарија
Глава 3
- 1
Потоа ми го покажа тој Исус, првосвештеникот, кој стоеше пред Господовиот ангел, и сатаната, кој стоеше од неговата десна страна, за да му се противи.
- 2
И му рече Господ на сатаната: „Господ да те укори, Господ да ти забрани, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Тој гламја истргната од оган?“
- 3
А Исус беше облечен во извалкана облека и стоеше пред ангелот,
- 4
кој им рече на оние што стоеја пред него: „Соблечете ја од него извалканата облека; а нему му рече: ете, ја отфрлив од тебе твојата вина и те облекувам во свечена облека.“
- 5
Потоа рече: „Ставете му чист турбан на главата.“ И му ставија чист турбан на главата и го облекоа во свечена облека, а Господовиот ангел стоеше.
- 6
И Господовиот ангел, сведочејќи, му рече на Исус:
- 7
вака вели Господ на небесните војски: „Ако одиш по Моите патишта и ако ја извршуваш Мојата служба, ќе му судиш на Мојот дом и ќе ги пазиш Моите дворови. И Јас ќе ти дозволам да одиш меѓу тие луѓе што стојат овде.
- 8
Но, послушај, Исус, првосвештенику, ти и твоите браќа, што се пред твоето лице, зашто тие луѓе се познати. Еве, Јас ќе го доведам Својот слуга - Изданокот.
- 9
Оти, ете, тој е каменот што го поставувам пред Исус, на тој единствен камен има седум очи; ете, Јас ќе го изделкам на него натписот, вели Господ на небесните војски, и ќе ја простам вината на оваа земја во еден ден.“
- 10
Во тој ден, вели Господ на небесните војски, ќе се поканувате еден со друг под лозата и под смоквата.