Прескокни кон главната содржина

Наум

Глава 3

  1. 1

    Тешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабењето не престанува во него.

  2. 2

    Се слуша пукање на камшици и трескот од тркала и татнеж на бојни коли.

  3. 3

    Коњаниците потскокнуваат, блескаат мечеви и светкаат копја. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; и се сопнуваат од нив.

  4. 4

    Сето тоа е за многуте блудства на убавата на изглед развратница, вешта во магии, која со својот блуд продава народи, а со магиите - племиња.

  5. 5

    Ете, Јас сум против тебе, вели Господ на небесните војски, ќе ја кренам полата од твојата облека над твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, и на царствата - твојот срам.

  6. 6

    Ќе фрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена, и ќе те направам за потсмев.

  7. 7

    И секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: „Разурната е Ниневија! Кој ќе сака да ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?“

  8. 8

    Зар не си подобра од Но-Амон, кој лежи меѓу реки, опколен со вода, чиј окоп е морето, и тоа му служеше како ѕид.

  9. 9

    Етиопија и Египет со безбројно множество луѓе ти служеа како поткрепа; а Пут и Ливијците ти доаѓаа на помош.

  10. 10

    Но и тој беше раселен и одведен во ропство; дури и децата му се здробени - на секој уличен агол; а за првенците му фрлија жреб, и сите големци се во вериги оковани.

  11. 11

    И ти така ќе се опиеш и ќе криеш; и ќе бараш заклон од своите непријатели.

  12. 12

    Сите твои тврдини се како смоквини дрвја со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде.

  13. 13

    Ете, и твоите луѓе во тебе се како жени: на твоите непријатели ширум ќе им се отворат портите на земјата, и оган ќе ги проголта твоите порти.

  14. 14

    Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, гази глина, направи ја печката за печење тули.

  15. 15

    Таму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, макар и да си се намножила како гасеница, па и да си се намножила како скакулец.

  16. 16

    Твоите трговци се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулците ќе се распрскаат и ќе одлетаат.

  17. 17

    И твоите владетели се како скакулци, а заповедниците - како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го распознаеш местото каде биле.

  18. 18

    Спијат твоите пастири, асирски царе, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по планините, и нема кој да ги прибере.

  19. 19

    Нема лек за твојата рана, тешка е твојата повреда. Сите што ќе чујат за тебе, ќе ракоплескаат, зашто над кого ли не си ја нанесувала својата непрестајна злоба.