Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 1

  1. 1

    Бог, Кој во минатото многупати и на многу начини им зборуваше на нашите татковци преку пророците,

  2. 2

    во овие последни денови ни проговори преку Синот, Кого Го постави за наследник на сѐ и преку Кого ги создаде вековите.

  3. 3

    Тој е одблесок на Божјата слава и точен отпечаток на Неговото битие, и одржува сѐ со Својот моќен збор. Откако изврши очистување од гревовите, седна од десната страна на Величеството во висините.

  4. 4

    Така стана толку повозвишен од ангелите, колку што името што го наследи е пославно од нивното.

  5. 5

    Зашто, на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: „Ти си Мој Син, Јас денес Те родив“? И пак: „Јас ќе Му бидам Татко, а Тој ќе Ми биде Син“?

  6. 6

    И кога повторно Го воведува Првородениот во светот, вели: „Нека Му се поклонат сите Божји ангели.“

  7. 7

    За ангелите вели: „Тој ги прави Своите ангели ветрови, а Своите служители огнен пламен.“

  8. 8

    А за Синот вели: „Твојот престол, Боже, е во вечни векови; жезолот на праведноста е жезол на Твоето царство.

  9. 9

    Ја засака праведноста и го намрази беззаконието; затоа Бог, Твојот Бог, Те помаза со масло на радост повеќе од Твоите придружници.“

  10. 10

    И уште: „Ти, Господи, во почетокот ја основа земјата, и небесата се дело на Твоите раце.

  11. 11

    Тие ќе пропаднат, а Ти остануваш; сите ќе остарат како облека.

  12. 12

    Ќе ги свиткаш како наметка, како облека, и ќе бидат променети; но Ти си ист и Твоите години нема да завршат.“

  13. 13

    А на кого од ангелите некогаш му рекол: „Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели како подножје под Твоите нозе“?

  14. 14

    Зар сите тие не се службени духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?