Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 2

  1. 1

    Затоа треба уште повнимателно да се држиме за она што го слушнавме, за да не се оддалечиме од него.

  2. 2

    Зашто, ако Зборот изговорен преку ангелите се покажа сигурен, и секој престап и непослушност доби праведна казна,

  3. 3

    како ќе избегнеме ние, ако занемариме толку големо спасение? Господ најнапред го објави, а потоа ни го потврдија оние што Го слушаа,

  4. 4

    а Бог исто така сведочеше со знаци и чуда, со разни моќни дела и со дарови на Светиот Дух, распределени според Неговата волја.

  5. 5

    Зашто Бог не им го потчини на ангелите идниот свет за кој зборуваме.

  6. 6

    Туку некој некаде посведочил: „Што е човекот, за да се сеќаваш на него, или Човечкиот Син, за да се грижиш за Него?

  7. 7

    За кратко време Го направи понизок од ангелите; со слава и чест Го овенча,

  8. 8

    и сѐ положи под Неговите нозе.“ А кога Му потчини сѐ, не остави ништо што не Му е потчинето. Но сега сѐ уште не гледаме дека сѐ Му е потчинето.

  9. 9

    Но Го гледаме Исус, Кој за кратко време беше поставен пониско од ангелите; поради страдањето и смртта беше овенчан со слава и чест, и по Божја благодат вкуси смрт за сите.

  10. 10

    Зашто Му прилегаше на Оној за Кого е сѐ и преку Кого е сѐ, Кој доведува многу синови во слава, преку страдања да Го усоврши Предводникот на нивното спасение.

  11. 11

    Зашто и Оној Кој осветува и оние што се осветуваат, сите се од Еден. Затоа Тој не се срами да ги нарече браќа,

  12. 12

    велејќи: „Ќе им го објавам Твоето име на Моите браќа; среде собранието ќе Те воспевам.“

  13. 13

    И пак: „Јас ќе се надевам на Него.“ И повторно: „Еве Ме Мене и децата што Ми ги даде Бог.“

  14. 14

    Бидејќи децата имаат удел во тело и крв, и Тој на ист начин стана учесник во истото, и преку смртта да го уништи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот,

  15. 15

    и да ги ослободи сите што поради стравот од смртта целиот живот беа во ропство.

  16. 16

    Зашто Тој навистина не им помага на ангелите, туку му помага на Авраамовото потомство.

  17. 17

    Затоа требаше во сѐ да стане сличен на Своите браќа, за да биде милостив и верен Првосвештеник во служба пред Бог и да изврши помирување за гревовите на народот.

  18. 18

    Зашто со тоа што Самиот пострада кога беше искушуван, може да им помогне и на оние што се искушувани.