Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 3

  1. 1

    Затоа, свети браќа, учесници во небесниот повик, насочете ги мислите кон Исус, Апостолот и Првосвештеникот на нашата исповед.

  2. 2

    Тој Му беше верен на Оној Кој Го постави, како што и Мојсеј беше верен во ⟦целиот⟧ Божји дом.

  3. 3

    Но Исус е удостоен со поголема слава од Мојсеј, како што градителот на домот има поголема чест од самиот дом.

  4. 4

    Зашто секој дом го гради некој, а Бог е Оној Кој изградил сѐ.

  5. 5

    Мојсеј беше верен како слуга во целиот Божји дом, како сведоштво за она што требаше подоцна да биде објавено.

  6. 6

    А Христос е верен како Син над Својот дом. Негов дом сме ние, ако ги задржиме увереноста и надежта со која се фалиме.

  7. 7

    Затоа, како што вели Светиот Дух: „Денес, ако го чуете Неговиот глас,

  8. 8

    не дозволувајте вашите срца да станат тврди како во времето на побуната, во денот на искушението во пустината,

  9. 9

    каде што вашите татковци Ме искушуваа и Ме испитуваа, иако четириесет години ги гледаа Моите дела.

  10. 10

    Затоа се разгневив на тоа поколение и реков: ‚Постојано се заблудуваат во срцето и не ги познаа Моите патишта.‘

  11. 11

    Така се заколнав во Својот гнев: ‚Нема да влезат во Мојата починка.‘“

  12. 12

    Внимавајте, браќа, во никого од вас да нема зло и неверно срце, кое се одвраќа од живиот Бог.

  13. 13

    Туку охрабрувајте се едни со други секој ден, додека уште се вели „денес“, за никој од вас да не се стврдне поради измамноста на гревот.

  14. 14

    Зашто станавме Христови соучесници, ако увереноста што ја имавме од почетокот ја задржиме цврсто до крај.

  15. 15

    Додека се вели: „Денес, ако го чуете Неговиот глас, не дозволувајте срцата да ви се закорават како во време на побуната.“

  16. 16

    Кои беа тие што го слушнаа гласот, а сепак се побунија? Зар не беа сите што излегоа од Египет предводени од Мојсеј?

  17. 17

    На кого Бог се гневеше четириесет години? Зар не на оние што згрешија, чии тела паднаа во пустината?

  18. 18

    И на кого се заколна дека нема да влезат во Неговата починка, ако не на оние што беа непослушни?

  19. 19

    И така гледаме дека не можеа да влезат поради неверието.