Евреите
Глава 4
- 1
Затоа, додека уште важи ветувањето за влегување во Неговата починка, да се плашиме некој од вас да не се покаже дека не стигнал до неа.
- 2
Зашто и нам ни беше објавено Евангелието, како и ним; но Зборот што го слушнаа не им користеше, бидејќи не беа соединети со оние што го слушаа со вера.
- 3
А ние, кои поверувавме, влегуваме во починката, како што рече: „Така се заколнав во Својот гнев: ‚Нема да влезат во Мојата починка‘“, иако Неговите дела беа завршени уште од создавањето на светот.
- 4
Зашто за седмиот ден некаде рекол вака: „И Бог се одмори во седмиот ден од сите Свои дела.“
- 5
А на ова место повторно вели: „Нема да влезат во Мојата починка.“
- 6
Бидејќи останува можност некои да влезат во неа, а оние на кои најнапред им беше објавено не влегоа поради непослушност,
- 7
Бог повторно определува еден ден — „денес“ — зборувајќи преку Давид по толку долго време, како што беше речено порано: „Денес, ако го чуете Неговиот глас, не дозволувајте срцата да ви се закорават.“
- 8
Зашто, ако Исус Навин им ја беше дал починката, Бог немаше подоцна да зборува за друг ден.
- 9
И така, на Божјиот народ му останува саботна починка.
- 10
Зашто оној што влегол во Божјата починка, се одморил од своите дела, како и Бог од Своите.
- 11
Затоа да се потрудиме да влеземе во таа починка, за никој да не падне следејќи го истиот пример на непослушност.
- 12
Зашто Божјиот Збор е жив и делотворен, поостар од секој меч со две острици; продира до разделување на душата и духот, на зглобовите и коскената срж, и ги проценува мислите и намерите на срцето.
- 13
И нема создание сокриено пред Него, туку сѐ е голо и откриено пред очите на Оној пред Кого ќе дадеме сметка.
- 14
И така, бидејќи имаме голем Првосвештеник – Исус, Божјиот Син, Кој помина низ небесата – цврсто да се држиме до нашата исповед.
- 15
Зашто немаме Првосвештеник Кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Оној Кој беше искушуван во сѐ како и ние, но без грев.
- 16
Затоа слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат кога ни е потребна помош.