Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 5

  1. 1

    Зашто секој првосвештеник, определен од луѓето, се поставува да ги застапува луѓето во работите што се однесуваат на Бог, за да принесува дарови и жртви за гревови.

  2. 2

    Тој може благо да постапува со неупатените и заблудените, бидејќи и самиот е обвиен со слабост.

  3. 3

    И поради тоа е должен, како за народот, така и за себе, да принесува жртви за гревови.

  4. 4

    И никој самоволно не ја придобива оваа чест, туку само оној што е повикан од Бог, како Арон.

  5. 5

    Така и Христос не се прослави Сам Себеси за да стане Првосвештеник, туку Оној Кој Му рече: „Ти си Мој Син, Јас денес Те родив“;

  6. 6

    како што и на друго место вели: „Ти си свештеник довека според редот на Мелхиседек.“

  7. 7

    Тој, во деновите на Својот земен живот, со силен вик и солзи принесе молитви и молби до Оној Кој можеше да Го спаси од смртта, и беше услишен поради Својата побожност.

  8. 8

    Иако беше Син, сепак ја научи послушноста преку она што го претрпе;

  9. 9

    и, откако беше усовршен, стана Извор на вечно спасение за сите што Му се послушни,

  10. 10

    прогласен од Бог за Првосвештеник според редот на Мелхиседек.

  11. 11

    За Него имаме многу да кажеме, но тешко е да се објасни, бидејќи станавте бавни во слушањето.

  12. 12

    Зашто, иако според времето веќе требаше да бидете учители, повторно имате потреба некој да ве учи на основните начела на Божјите зборови. Ви треба млеко, а не цврста храна.

  13. 13

    Секој што се храни со млеко е неискусен во зборот на праведноста, бидејќи е дете.

  14. 14

    А цврстата храна е за зрелите, чии сетила со постојана употреба се оспособени да разликуваат добро и зло.