Филимон
Глава 1
- 1
Павле, затвореник на Христос Исус, и братот Тимотеј, до нашиот сакан соработник Филимон,
- 2
до сестрата Апфија, до Архип, нашиот соборец, и до црквата што се собира во твојот дом:
- 3
благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.
- 4
Секогаш Му благодарам на мојот Бог кога те спомнувам во своите молитви,
- 5
зашто слушам за твојата вера во Господ Исус и за твојата љубов кон сите свети.
- 6
Се молам твоето заедништво во верата да стане делотворно преку познавањето на секое добро што е во нас за Христос.
- 7
Зашто имав голема радост и утеха поради твојата љубов, брате, бидејќи преку тебе се освежија срцата на светите.
- 8
Затоа, иако во Христос имам голема слобода да ти заповедам што треба да направиш,
- 9
сепак, поради љубовта, повеќе сакам да те молам – јас, Павле, веќе стар човек, а сега и затвореник на Христос Исус.
- 10
Те молам за моето дете Онисим, кого го родив во своите окови.
- 11
Некогаш ти беше некорисен, а сега е корисен и за тебе и за мене.
- 12
Го испраќам назад кај тебе – него, кој е како моето срце.
- 13
Сакав да го задржам кај себе за да ми служи наместо тебе додека сум во окови за Евангелието,
- 14
но без твојата согласност не сакав да направам ништо, за твоето добро дело да не биде по принуда, туку доброволно.
- 15
Можеби токму затоа за кратко време беше одвоен од тебе, за да го примиш засекогаш,
- 16
не веќе како роб, туку повеќе од роб – како сакан брат, особено за мене, а колку повеќе за тебе, и по тело и во Господ.
- 17
Затоа, ако ме сметаш за свој соработник, прими го како мене.
- 18
Ако ти направил некаква неправда или ти должи нешто, стави го тоа на моја сметка.
- 19
Јас, Павле, го пишувам ова своерачно: јас ќе платам – да не ти спомнам дека и самиот си ми должен.
- 20
Да, брате, дозволи ми да имам корист од тебе во Господ; освежи го моето срце во Христос.
- 21
Уверен во твојата послушност, ти го напишав ова, знаејќи дека ќе направиш и повеќе од она што го барам.
- 22
А воедно подготви ми и сместување, зашто се надевам дека преку вашите молитви ќе ви бидам повторно вратен.
- 23
Те поздравува Епафрас, затвореникот што е заедно со мене во Христос Исус,
- 24
како и Марко, Аристарх, Димас и Лука, моите соработници.
- 25
Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух.