Тит
Глава 3
- 1
Потсетувај ги да им се покоруваат на владетелите и властите, да бидат послушни и подготвени за секое добро дело,
- 2
да не зборуваат зло за никого, да не бидат кавгаџии, туку благи и да покажуваат целосна кротост кон сите луѓе.
- 3
Зашто и ние некогаш бевме неразумни, непокорни и заблудени, робувајќи им на разни желби и задоволства, живеејќи во злоба и завист, омразени и мразејќи се едни со други.
- 4
Но кога се јавија добрината на Бог, нашиот Спасител, и Неговата љубов кон луѓето,
- 5
Тој нѐ спаси, не поради праведните дела што ги направивме, туку според Својата милост, преку измивањето на повторното раѓање и обновувањето од Светиот Дух,
- 6
Кого богато Го излеа врз нас преку Исус Христос, нашиот Спасител,
- 7
за, оправдани преку Неговата благодат, да станеме наследници според надежта за вечен живот.
- 8
Веродостоен е овој збор. Сакам цврсто да го нагласуваш ова, за оние што поверувале во Бог ревносно да вршат добри дела. Тоа е добро и корисно за луѓето.
- 9
А избегнувај глупави расправии, списоци на предци, караници и препирки околу Законот, зашто се бескорисни и безвредни.
- 10
Човек што предизвикува поделби, по првата и втората опомена, отфрли го,
- 11
знаејќи дека таквиот е изопачен и греши, самиот осудувајќи се.
- 12
Кога ќе ги испратам кај тебе Артема или Тихик, побрзај да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив таму да презимувам.
- 13
Погрижи се Зина, познавачот на Законот, и Аполос внимателно да ги испратиш на пат, за ништо да не им недостига.
- 14
И нашите нека научат да се посветуваат на добри дела за итните потреби, за да не бидат бесплодни.
- 15
Те поздравуваат сите што се со мене. Поздрави ги оние што нѐ љубат во верата. Благодатта нека биде со сите вас.