Прескокни кон главната содржина

Тит

Глава 2

  1. 1

    А ти зборувај го она што е во согласност со здравото учење:

  2. 2

    Постарите мажи нека бидат трезвени, достоинствени, разумни и здрави во верата, љубовта и постојаноста.

  3. 3

    Постарите жени, исто така, нека се однесуваат како што прилега на светоста: да не клеветат, да не робуваат на многу вино, туку да поучуваат за она што е добро,

  4. 4

    за да ги учат младите жени да ги љубат своите мажи и деца,

  5. 5

    да бидат разумни, чисти, грижливи домаќинки, добри и покорни на своите мажи, за да не се хули Божјиот Збор.

  6. 6

    Исто така, поттикнувај ги младите мажи да бидат разумни.

  7. 7

    Во сѐ покажи се како пример за добри дела, а во поучувањето покажувај чистота, достоинство

  8. 8

    и здрав збор што не може да се осуди, за противникот да се посрами, немајќи ништо лошо да каже за нас.

  9. 9

    Слугите нека им се покоруваат на своите господари во сѐ, нека им угодуваат и нека не им противречат;

  10. 10

    нека не крадат, туку нека покажуваат целосна верност, за во сѐ да го украсуваат учењето на Бог, нашиот Спасител.

  11. 11

    Зашто се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе,

  12. 12

    и нѐ учи да се откажеме од безбожноста и световните желби и во сегашниот век да живееме разумно, праведно и побожно,

  13. 13

    очекувајќи ја блажената надеж и појавувањето на славата на нашиот голем Бог и Спасител Исус Христос,

  14. 14

    Кој се даде Себеси за нас, за да нѐ избави од секое беззаконие и да си очисти народ што ќе Му припаѓа, ревносен за добри дела.

  15. 15

    Ова зборувај го, поттикнувај и укорувај со целосен авторитет. Никој да не те презира.