Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 8

  1. 1

    Главното во она што го зборуваме е ова: имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на Величеството на небесата,

  2. 2

    Тој служи во Светилиштето и во вистинскиот шатор, кој го подигна Господ, а не човек.

  3. 3

    Зашто секој првосвештеник се поставува да принесува дарови и жртви; затоа е потребно и Тој да има што да принесе.

  4. 4

    Ако беше на земјата, не би бил свештеник, бидејќи веќе има свештеници што принесуваат дарови според Законот.

  5. 5

    Тие служат во светилиште што е слика и сенка на небесното, како што Мојсеј доби упатство кога се подготвуваше да го изгради светиот шатор: „Гледај да направиш сѐ според образецот што ти беше покажан на гората.“

  6. 6

    Но сега Христос доби толку повозвишена служба колку што е и Посредник на подобар завет, утврден врз подобри ветувања.

  7. 7

    Зашто, ако првиот завет немаше недостаток, немаше да се бара место за втор.

  8. 8

    Но, укорувајќи го народот, Бог вели: „Ете, доаѓаат денови, вели Господ, кога со Израелевиот дом и со Јудиниот дом ќе склучам нов завет,

  9. 9

    не како заветот што го склучив со нивните татковци во денот кога ги зедов за рака за да ги изведам од египетската земја; бидејќи тие не останаа во Мојот завет, и Јас не се грижев за нив, вели Господ..

  10. 10

    Зашто ова е заветот што ќе го склучам со Израелевиот дом по оние денови, вели Господ: ќе ги положам Моите закони во нивниот ум и ќе ги напишам на нивните срца; Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе Ми бидат народ.

  11. 11

    И никој веќе нема да го учи својот ближен, ниту својот брат, велејќи: ‚Познај Го Господ‘, зашто сите ќе Ме познаваат, од најмал до најголем меѓу нив.

  12. 12

    Зашто ќе бидам милостив кон нивните неправди и нема веќе да се сеќавам на нивните гревови.“

  13. 13

    Кога вели „нов“, првиот завет го направи застарен; а она што застарува и старее е близу до исчезнување.