Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 9

  1. 1

    И првиот завет имаше уредби за богослужби и земно светилиште.

  2. 2

    Беше подигнат свет шатор. Во неговиот прв дел беа светилникот, трпезата и посветените лебови; тој дел се нарекуваше Светото место.

  3. 3

    Зад втората завеса беше делот од светиот шатор наречен Најсветото место.

  4. 4

    Во него беа златниот кадилен жртвеник и Ковчегот на заветот, целиот обложен со злато. Во ковчегот беа златниот сад со мана, Ароновиот жезол што процветал и плочите на заветот.

  5. 5

    Над него беа херувимите на славата, кои го засенуваа престолот на милоста. Но сега не можеме подробно да зборуваме за тоа.

  6. 6

    Кога сето тоа беше така уредено, свештениците постојано влегуваа во првиот дел на шаторот и ја извршуваа службата.

  7. 7

    А во вториот дел влегуваше само првосвештеникот, еднаш годишно, и тоа не без крв, која ја принесуваше за себе и за ненамерните гревови на народот.

  8. 8

    Со тоа Светиот Дух покажуваше дека патот во Светилиштето сѐ уште не беше отворен додека постоеше првиот шатор.

  9. 9

    Првиот шатор е слика за сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви што не можат да ја усовршат совеста на оној што Му служи на Бог.

  10. 10

    Тие се однесуваат само на јадења, пиења и разни миења – уредби за телото, наметнати до времето на обновувањето.

  11. 11

    Но Христос се појави како Првосвештеник на добрата што веќе дојдоа и помина низ поголемиот и посовршен шатор, кој не е направен од човечки раце и не му припаѓа на ова создание.

  12. 12

    Тој влезе еднаш засекогаш во Светилиштето, не со крв од јарци и телиња, туку со Својата крв, и така постигна вечен откуп.

  13. 13

    Зашто, ако крвта од јарци и бикови и пепелта од јуница, со која се попрскуваат оние што се нечисти, ги осветува за телесна чистота,

  14. 14

    колку повеќе крвта на Христос, Кој преку вечниот Дух се принесе Себеси на Бог без недостаток, ќе ја очисти нашата совест од мртви дела, за да Му служиме на живиот Бог!

  15. 15

    Затоа Тој е Посредник на новиот завет, за повиканите да го примат ветеното вечно наследство, бидејќи со Неговата смрт беа откупени престапите направени под првиот завет.

  16. 16

    Каде што има завет, потребно е да се потврди смртта на оној што го составил.

  17. 17

    Зашто заветот стапува во сила по смртта и не важи додека е жив оној што го направил.

  18. 18

    Затоа ни првиот завет не беше воспоставен без крв.

  19. 19

    Откако Мојсеј му ја објави на целиот народ секоја заповед од Законот, зеде крв од телиња ⟦и јарци⟧, со вода, црвена волна и исоп, па ги попрска самата книга и целиот народ,

  20. 20

    велејќи: „Ова е крвта на заветот што Бог ви го заповеда.“

  21. 21

    Исто така, со крв ги попрска шаторот и сите садови што се употребуваа во службата.

  22. 22

    И според Законот, речиси сѐ се очистува со крв, и без пролевање крв нема простување.

  23. 23

    Затоа беше потребно сликите на небесните работи да се очистуваат со такви жртви, а самите небесни работи со подобри жртви од овие.

  24. 24

    Зашто Христос не влезе во ракотворно светилиште, кое е само слика на вистинското, туку во самото небо, за да може сега да се појави пред Божјото лице за нас.

  25. 25

    И не влезе многупати да се принесува Себеси, како што првосвештеникот секоја година влегува во Најсветото место со туѓа крв.

  26. 26

    Инаку би требало многупати да страда од создавањето на светот. Но сега, на крајот на вековите, се појави еднаш засекогаш, за да го отстрани гревот преку Својата жртва.

  27. 27

    И како што на луѓето им е определено еднаш да умрат, а потоа следува суд,

  28. 28

    така и Христос беше принесен еднаш, за да ги понесе гревовите на мнозина; а вторпат ќе им се појави, не заради гревот, туку за спасение на оние што Го очекуваат.