Осија
Глава 2
- 1
Речете им на своите браќа: „Мој народ“, а на своите сестри: „Помилувана.“
- 2
Расправајте се со својата мајка, расправајте се, зашто таа не е Моја жена, а Јас не сум нејзин маж; нека го тргне блудството од своето лице и прељубите од своите гради,
- 3
за да не ја соблечам гола и да не ја оставам како во денот кога се роди, да не ја направам како пустина, да не ја претворам во сува земја и да не ја усмртам со жед.
- 4
На нејзините деца нема да им се смилувам, зашто тие се деца на блудство.
- 5
Зашто нивната мајка блудствуваше; онаа што ги зачна постапи срамно, зашто рече: „Ќе тргнам по своите љубовници, кои ми даваат леб и вода, волна и лен, масло и пијалок.“
- 6
Затоа, ете, ќе ѝ го заградам патот со трње и ќе ѝ подигнам ѕид, за да не ги најде своите патеки.
- 7
Ќе тргне по своите љубовници, но нема да ги стигне; ќе ги бара, но нема да ги најде; тогаш ќе рече: „Ќе се вратам кај својот прв маж, зашто тогаш ми беше подобро отколку сега.“
- 8
А таа не знаеше дека Јас ѝ давав жито, шира (вино) и масло и дека ѝ умножував сребро и злато, кои тие ги употребуваа за Ваал.
- 9
Затоа ќе си го земам назад Своето жито во негово време и Својата шира (вино) во нејзино време; ќе ги земам назад Својата волна и Својот лен, дадени за да ја покријат нејзината голотија.
- 10
Сега ќе ја разоткријам нејзината срамота пред очите на нејзините љубовници, и никој нема да ја избави од Мојата рака.
- 11
Ќе направам да престане сета нејзина веселба, нејзините празници, новомесечијата, саботите и сите нејзини свечености.
- 12
Ќе ги запустам нејзините лозја и смокви, за кои велеше: „Тоа е мојата плата што ми ја дадоа моите љубовници“; ќе ги претворам во шума и полските животни ќе ги изедат.
- 13
Ќе ја казнам за деновите на Вааловците, кога им кадеше, кога се украсуваше со своите обетки и накит и тргнуваше по своите љубовници, а Мене Ме забораваше,“ вели Господ.
- 14
„Затоа, ете, Јас ќе ја привлечам, ќе ја одведам во пустината и ќе ѝ зборувам на срцето.
- 15
Оттаму ќе ѝ ги дадам нејзините лозја и долината Ахор ќе ја направам врата на надеж; таму ќе одговори како во деновите на својата младост, како во денот кога излезе од египетската земја.
- 16
И во тој ден,“ вели Господ, „ќе Ми велиш: ‚Мажу мој‘, и нема повеќе да Ми велиш: ‚Ваале мој‘.
- 17
Ќе ги отстранам имињата на Вааловците од нејзината уста и нивните имиња нема повеќе да се спомнуваат.“
- 18
Во тој ден ќе склучам завет за нив со полските животни, со небесните птици и со лазачите по земјата; ќе ги скршам лакот и мечот и ќе ја отстранам војната од земјата, за да живеат безбедно.
- 19
Ќе те земам за Своја невеста засекогаш; ќе те земам за Своја невеста во правда и правосудие, во милост и сочувство.
- 20
Ќе те земам за Своја невеста во верност, и ти ќе Го познаеш Господ.
- 21
И во тој ден,“ вели Господ, „Јас ќе одговорам; ќе му одговорам на небото, а тоа ќе ѝ одговори на земјата;
- 22
земјата ќе им одговори на житото, ширата (виното) и маслото, а тие ќе му одговорат на Јизреел.
- 23
Ќе ја посеам за Себе во земјата, ќе ѝ се смилувам на Ло-Рухама и на Ло-Ами ќе му речам: ‚Ти си Мој народ‘, а тој ќе рече: ‚Ти си мој Бог.‘“