Прескокни кон главната содржина

Исаија

Глава 14

  1. 1

    Зашто Господ ќе му се смилува на Јаков, повторно ќе го избере Израел и ќе го насели во неговата земја. Туѓинците ќе им се придружат и ќе се приклучат кон домот Јаковов.

  2. 2

    Народите ќе ги земат и ќе ги доведат во нивното место, а домот Израелев ќе ги прими како свое наследство во Господовата земја, како слуги и слугинки. Ќе ги заробат оние што нив ги заробуваа и ќе владеат над своите угнетувачи.

  3. 3

    Во денот кога Господ ќе ти даде одмор од твојата болка, немир и тешкото ропство под кое си служел,

  4. 4

    Ќе ја кажеш оваа потсмешка против вавилонскиот цар: „Го нема веќе угнетувачот! Престана неговата жестокост!

  5. 5

    Господ го скрши стапот на безбожните и прачката на владетелите,

  6. 6

    која во гнев постојано ги удираше народите и во лутина владееше над племињата со немилосрдно прогонување.

  7. 7

    Сега целата земја почива и е мирна; сите запејуваат со радосна песна.

  8. 8

    Дури и чемпресите ти се радуваат, и ливанските кедри велат: ‚Откако ти падна, никој веќе не доаѓа да нѐ сече.‘

  9. 9

    Подземјето долу се вознемирува за да те пречека кога доаѓаш; ги разбудува сенките на мртвите, сите некогашни водачи на земјата, и ги крева од нивните престоли сите цареви на народите.

  10. 10

    Сите ќе ти речат: ‚И ти ли ослабе како нас? И ти ли стана како нас?‘

  11. 11

    Твојата гордост слезе во Шеолот-подземјето, заедно со звукот на твоите харфи. Под тебе се постлани ларви, а црви те покриваат.

  12. 12

    Како падна од небото, Хелел-утринска ѕвезда, сине на зората! Како си соборен на земјата, ти што ги покоруваше народите!

  13. 13

    А ти си велеше во своето срце: ‚Ќе се искачам на небото, над Божјите ѕвезди ќе го издигнам својот престол. Ќе седнам на гората на собранието, на крајниот север.

  14. 14

    Ќе се искачам над облачните височини и ќе станам како Севишниот.‘

  15. 15

    Но ќе бидеш симнат во Шеолот, во најдлабоките делови на јамата.

  16. 16

    Оние што ќе те видат внимателно ќе те гледаат и ќе се прашуваат: ‚Зар ова е човекот што ја потресуваше земјата и ги тресеше царствата,

  17. 17

    што го претвораше светот во пустина, ги разурнуваше неговите градови и не ги пушташе своите заробеници дома?‘

  18. 18

    Сите цареви на народите почиваат со чест, секој во својата гробница.

  19. 19

    Но ти си исфрлен од својот гроб како одвратна гранка, покриен со убиени, прободени со меч, кои слегуваат до камењата на јамата – како изгазено мртво тело.

  20. 20

    Нема да им се придружиш во погребот, зашто ја уништи својата земја и го уби својот народ. Потомството на злосторниците никогаш веќе нема да се спомнува.

  21. 21

    Подгответе колеж за неговите синови поради беззаконието на нивните татковци, за да не се кренат да не ја наследат земјата и повторно да го наполнат светот со градови.“

  22. 22

    „Ќе се кренам против нив“, вели Господ над војските, „и ќе ги истребам од Вавилон името и остатокот, потомството и наследниците“ - вели Господ.

  23. 23

    „Ќе го претворам во место за диви животни и во мочуришта; ќе го изметам со метлата на уништувањето“, вели Господ над војските.

  24. 24

    Господ над војските се заколна: „Како што намислив, така ќе биде; како што определив, така ќе се исполни.

  25. 25

    Ќе ја скршам Асирија во Мојата земја и ќе ја изгазам на Моите планини. Нејзиниот јарем ќе биде тргнат од Мојот народ и нејзиниот товар од неговите плеќи.“

  26. 26

    Тоа е одлуката донесена за целата земја и тоа е раката испружена над сите народи.

  27. 27

    Зашто Господ над војските одлучи – кој може да го спречи? Неговата рака е испружена – кој може да ја врати назад?

  28. 28

    Во годината кога умре царот Ахаз дојде ова пророштво:

  29. 29

    „Не радувај се, цела земја Филистејска, затоа што е скршена прачката што те удираше. Зашто од коренот на змијата ќе излезе отровница, а нејзиниот плод ќе биде летечка огнена змија.

  30. 30

    Најсиромашните ќе пасат и бедните ќе почиваат безбедно, но твојот корен ќе го уништам со глад, а твојот остаток ќе биде убиен.

  31. 31

    Лелекај, порто! Викај, граду! Стопи се од страв, цела земја Филистејска! Зашто од север доаѓа чад и никој не заостанува во неговите редови.

  32. 32

    А што ќе им се одговори на гласниците на тој народ? – Господ го основа Сион и во него ќе најдат прибежиште угнетените од Неговиот народ.“