Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 10

  1. „Ми се смачи од мојот живот. Ќе ја пуштам слободно својата жалба и ќе зборувам од горчината на својата душа.

  2. Ќе Му речам на Бог: ‚Не осудувај ме! Покажи ми зошто се препираш со мене.

  3. Зар Ти е добро да ме угнетуваш, да го презираш делото на Своите раце, а да им даваш успех на замислите на безбожните?

  4. Зар имаш телесни очи? Зар гледаш како што гледа човек?

  5. Зар Твоите денови се како деновите на човекот и Твоите години како човечки години,

  6. па ја бараш мојата вина и го истражуваш мојот грев,

  7. иако знаеш дека не сум безбожен и дека никој не може да избави од Твојата рака?

  8. Твоите раце ме обликуваа и ме создадоа целосно, а сега сакаш да ме уништиш.

  9. Сети се дека ме обликуваше како глина; зар повторно ќе ме вратиш во прав?

  10. Зар не ме излеа како млеко и не ме згусна како сирење?

  11. Ме облече со кожа и месо и ме испреплете со коски и жили.

  12. Ми даде живот и милост, а Твојата грижа го чуваше мојот дух.

  13. Но ова го криеше во Своето срце; знам дека ова беше Твојата намера.

  14. Ако згрешам, Ти ме набљудуваш и не ме ослободуваш од мојата вина.

  15. Ако сум безбожен – тешко мене! А и да сум праведен, не можам да ја кренам главата, зашто сум исполнет со срам и ја гледам својата мака.

  16. Ако ја кренам главата, ме ловиш како лав и повторно ја покажуваш Својата чудесна сила врз мене.

  17. Постојано изведуваш нови сведоци против мене и го зголемуваш Својот гнев кон мене; една неволја по друга доаѓа врз мене.

  18. Зошто тогаш ме изведе од утробата? Да бев умрел и ниедно око да не ме видеше!

  19. Ќе бев како никогаш да не сум постоел – од утробата право во гробот ќе бев однесен.

  20. Зар моите денови не се малку? Остави ме, оддалечи се од мене, за барем малку да се разведрам,

  21. пред да заминам и повеќе да не се вратам – во земјата на темнината и смртната сенка,

  22. во земјата на густ мрак и длабока темнина, каде нема ред и каде и светлината е како темнина.‘“