Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 11

  1. Тогаш Цофар Нааматецот одговори и рече:

  2. „Зар на толку многу зборови нема да има одговор? Зар човек што многу зборува само затоа ќе биде во право?

  3. Зар твоите празни зборови ќе ги замолчат луѓето? Ќе се потсмеваш, а никој да не те засрами?

  4. Ти велиш: ‚Моето учење е чисто и јас сум чист пред Твоите очи.‘

  5. О, кога Бог би проговорил и би ги отворил Своите усни против тебе,

  6. кога би ти ги открил тајните на мудроста, зашто вистинската мудрост е многу подлабока отколку што мислиш! Тогаш би знаел дека Бог не ти наплатува сѐ што заслужува твојата вина.

  7. Можеш ли да ги откриеш Божјите длабочини? Можеш ли целосно да Го разбереш Семоќниот?

  8. Тие се повисоки од небото – што можеш да направиш? Подлабоки се од Шеол – што можеш да знаеш?

  9. Нивната мера е подолга од земјата и поширока од морето.

  10. Ако Тој помине, ако некого затвори или повика на суд, кој може да Го спречи?

  11. Зашто Тој ги познава лажливите луѓе; го гледа беззаконието и ништо не Му останува незабележано.

  12. Но празноглав човек ќе стане разумен кога диво магаре ќе се роди како човек.

  13. Ако го исправиш своето срце и ги испружиш своите раце кон Него,

  14. ако има беззаконие во твојата рака, отстрани го и не дозволувај неправда да живее во твоите шатори.

  15. Тогаш ќе го кренеш своето лице без дамка; ќе стоиш цврсто и нема да се плашиш.

  16. Ќе ја заборавиш својата мака и ќе се сеќаваш на неа како на вода што веќе поминала.

  17. Твојот живот ќе засветли посилно од пладне; и темнината ќе ти стане како утро.

  18. Ќе бидеш сигурен, зашто ќе имаш надеж; ќе погледнеш околу себе и мирно ќе легнеш.

  19. Ќе почиваш и никој нема да те плаши; мнозина ќе ја бараат твојата наклонетост.

  20. Но очите на безбожните ќе ослабат; за нив нема да има каде да избегаат, а нивната надеж ќе биде само последниот здив.“