Јов
Глава 12
Тогаш Јов одговори и рече: (Јов 12:1)
„Навистина, вие сте народот! Со вас ќе умре и мудроста! (Јов 12:2)
Но и јас имам разум како вас; не сум помал од вас. А кој не ги знае овие работи? (Јов 12:3)
Станав потсмев за своите пријатели – јас, кој Го повикував Бог и Тој ми одговараше. Праведниот и непорочниот стана предмет на потсмев. (Јов 12:4)
Оној што живее безгрижно ја презира несреќата; таа, според него, им припаѓа на оние чии нозе веќе се лизгаат. (Јов 12:5)
Шаторите на разбојниците живеат во мир, а сигурни се и оние што Го предизвикуваат Бог, оние што мислат дека Бог е во нивната рака. (Јов 12:6)
Но прашај ги животните и тие ќе те поучат; прашај ги небесните птици и тие ќе ти кажат. (Јов 12:7)
Разговарај со земјата и таа ќе те поучи; и морските риби ќе ти раскажат. (Јов 12:8)
Кој од сите нив не знае дека Господовата рака го направила ова? (Јов 12:9)
Во Неговата рака е животот на секое живо суштество и здивот на секој човек. (Јов 12:10)
Зар увото не ги испитува зборовите како што непцето ја вкусува храната? (Јов 12:11)
Кај старците има мудрост, а со долгите години доаѓа разбирање. (Јов 12:12)
Но кај Него се мудроста и силата; Негови се советот и разбирањето. (Јов 12:13)
Ете, што ќе урне Тој, никој не може повторно да го изгради; кога ќе затвори човек, никој не може да го ослободи. (Јов 12:14)
Ако ги задржи водите, тие пресушуваат; ако ги пушти, ја поплавуваат земјата. (Јов 12:15)
Кај Него се силата и вистинската мудрост; Негови се и измамениот и измамникот. (Јов 12:16)
Советниците ги одведува лишени од нивната мудрост, а судиите ги прави безумни. (Јов 12:17)
Ја отстранува власта на царевите и им врзува појас околу половината. (Јов 12:18)
Свештениците ги одведува лишени од чест, а моќните ги соборува. (Јов 12:19)
Им го одзема говорот на доверливите и го одзема расудувањето на старците. (Јов 12:20)
Излева презир врз благородниците и ја ослабува силата на моќните. (Јов 12:21)
Ги открива длабоките тајни од темнината и ја изнесува смртната сенка на светлина. (Јов 12:22)
Ги возвишува народите, па ги уништува; ги проширува народите, па ги одведува. (Јов 12:23)
Им го одзема разумот на водачите на земјата и ги остава да талкаат низ беспаќа. (Јов 12:24)
Пипаат во темнина без светлина, а Тој ги тера да се тетерават како пијан човек. (Јов 12:25)