Јов
Глава 13
Ете, сето ова го видоа моите очи, моите уши го слушнаа и го разбраа. (Јов 13:1)
Она што го знаете вие, го знам и јас; не сум помал од вас. (Јов 13:2)
Но јас сакам да зборувам со Семоќниот; сакам својата расправа да ја изложам пред Бог. (Јов 13:3)
А вие измислувате лаги; сите сте бескорисни лекари. (Јов 13:4)
О, кога сосема би замолкнале! Тоа би било мудрост за вас. (Јов 13:5)
Слушнете ја сега мојата одбрана и внимателно чујте ги зборовите на моите усни. (Јов 13:6)
Зар заради Бог ќе зборувате неправедно? Зар заради Него ќе зборувате измама? (Јов 13:7)
Зар ќе бидете пристрасни кон Него? Зар вие ќе Го браните Бог? (Јов 13:8)
Дали ќе биде добро за вас кога Тој ќе ве испита? Зар можете да Го измамите како што се измамува човек? (Јов 13:9)
Тој сигурно ќе ве укори ако тајно покажувате пристрасност. (Јов 13:10)
Зар Неговото величие нема да ве исплаши? Зар стравот од Него нема да падне врз вас? (Јов 13:11)
Вашите мудри изреки се како пепел, а вашите одбрани се како одбрани од глина. (Јов 13:12)
Замолчете и оставете ме јас да зборувам; па нека ме снајде што и да е. (Јов 13:13)
Ќе го земам својот живот во свои раце и ќе го изложам на опасност. (Јов 13:14)
И да ме убие, сепак ќе се надевам на Него; но своите патишта ќе ги бранам пред Неговото лице. (Јов 13:15)
И тоа ќе биде мое спасение, зашто безбожник не може да дојде пред Него. (Јов 13:16)
Внимателно слушнете ги моите зборови; мојата изјава нека влезе во вашите уши. (Јов 13:17)
Ете, го изложив својот случај и знам дека ќе бидам оправдан. (Јов 13:18)
Кој ќе се препира со мене? Ако има таков, тогаш ќе замолчам и ќе умрам. (Јов 13:19)
Само две работи не прави ми, Боже, и тогаш нема да се кријам од Твоето лице: (Јов 13:20)
тргни ја Својата рака од мене и нека не ме плаши Твојот ужас. (Јов 13:21)
Потоа повикај ме и јас ќе одговорам; или дозволи јас да зборувам, а Ти одговори ми. (Јов 13:22)
Колку се моите беззаконија и гревови? Покажи ми го мојот престап и мојот грев. (Јов 13:23)
Зошто го криеш Своето лице и ме сметаш за Свој непријател? (Јов 13:24)
Зар ќе плашиш лист што ветерот го разнесува? Зар ќе гониш сува сламка? (Јов 13:25)
Зашто запишуваш горчливи работи против мене и ме оставаш да ги носам гревовите од својата младост. (Јов 13:26)
Ги ставаш моите нозе во окови и внимателно ги следиш сите мои патишта; ја обележуваш секоја трага од моите стапала. (Јов 13:27)
А човекот се распаѓа како нешто изгниено, како облека изедена од молци.“ (Јов 13:28)