Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 28

  1. 1

    „Навистина, има рудник за сребро и место каде што се прочистува златото.

  2. 2

    Железото се вади од земјата, а бакарот се топи од камен.

  3. 3

    Човекот ѝ става крај на темнината и до најдлабоките места ги истражува камењата скриени во густ мрак и смртна сенка.

  4. 4

    Далеку од човечките населби отвора рударски окна; таму каде што човечка нога не стапнува, луѓето висат и се нишаат далеку од другите.

  5. 5

    Од земјата излегува леб, а под нејзината површина сѐ е превртено како од оган.

  6. 6

    Во нејзините камења има сафири, а во нејзината прашина има злато.

  7. 7

    Патот до таму не го познава ни птицата грабливка, ниту го видело окото на соколот.

  8. 8

    По него не газат гордите ѕверови и лавот не поминува таму.

  9. 9

    Човекот ја пружа раката кон кремената карпа и ги превртува планините од корен.

  10. 10

    Пробива канали низ карпите и неговото око гледа сѐ што е драгоцено.

  11. 11

    Ги запира подземните води да не протекуваат и го изнесува скриеното на светлина.

  12. 12

    Но каде може да се најде мудроста? Каде е местото на разбирањето?

  13. 13

    Човекот не ја знае нејзината вредност и таа не се наоѓа во земјата на живите.

  14. 14

    Бездната вели: ‚Не е во мене‘, а морето вели: ‚Не е кај мене.‘

  15. 15

    Не може да се купи со чисто злато, ниту нејзината цена може да се измери со сребро.

  16. 16

    Не може да се спореди со офирско злато, со скапоцен оникс или сафир.

  17. 17

    Ни златото ни стаклото не можат да се споредат со неа, ниту може да се замени за сад од чисто злато.

  18. 18

    Коралите и кристалот не вреди ни да се спомнуваат; мудроста е поскапоцена од бисерите.

  19. 19

    Ни топазот од Куш не може да се спореди со неа, ниту може да се измери со чисто злато.

  20. 20

    Од каде тогаш доаѓа мудроста? И каде е местото на разбирањето?

  21. 21

    Таа е скриена од очите на сите живи и сокриена од небесните птици.

  22. 22

    Авадон и смртта велат: ‚Само глас за неа стигна до нашите уши.‘

  23. 23

    Бог го знае патот до неа и Тој го знае нејзиното место.

  24. 24

    Зашто Тој гледа до краевите на земјата и гледа сѐ што е под небесата.

  25. 25

    Кога му одреди тежина на ветерот и ги измери водите,

  26. 26

    кога постави закон за дождот и пат за молњата и громот,

  27. 27

    тогаш ја виде мудроста и ја објави; ја утврди и ја испита.

  28. 28

    А на човекот му рече: ‚Ете, стравопочитта кон Господ е мудрост, а оддалечувањето од злото е разбирање.‘“