Јов
Глава 29
- 1
Јов повторно ја продолжи својата беседа и рече:
- 2
„О, да ми беа повторно поранешните месеци, деновите кога Бог ме чуваше,
- 3
кога Неговата светилка светеше над мојата глава и со Неговата светлина одев низ темнината!
- 4
Како во деновите на мојата зрелост, кога Божјата блискост беше над мојот шатор,
- 5
кога Семоќниот сѐ уште беше со мене и моите деца беа околу мене,
- 6
кога моите чекори како да се капеа во масло, а карпата ми излеваше потоци од елеј!
- 7
Кога излегував кон градската порта и го поставував своето седиште на плоштадот,
- 8
младите ме гледаа и се повлекуваа, а старците стануваа и стоеја.
- 9
Водачите престануваа да зборуваат и ја ставаа раката на устата.
- 10
Гласот на благородниците замолкнуваше, а јазикот им се прилепуваше за непцето.
- 11
Кој ќе ме чуеше, зборуваше добро за мене; кој ќе ме видеше, сведочеше во моја полза,
- 12
зашто го избавував сиромавиот што повикуваше за помош и сиракот што немаше кој да му помогне.
- 13
Благословот на оној што беше пред пропаст доаѓаше врз мене, а срцето на вдовицата го исполнував со радост.
- 14
Се облекував во праведност и таа ме облекуваше; мојата правда ми беше како наметка и турбан.
- 15
Бев очи за слепиот и нозе за куциот.
- 16
Бев татко на сиромасите и внимателно го испитував случајот на човек што не го познавав.
- 17
Му ги кршев челустите на неправедниот и му го одземав пленот од забите.
- 18
Тогаш си велев: ‚Ќе умрам во својот дом и ќе ги намножам своите денови како песок.
- 19
Мојот корен ќе се простира кон водата, а росата ќе ноќева на моите гранки.
- 20
Мојата чест постојано ќе се обновува, а мојот лак повторно ќе се зајакнува во мојата рака.‘
- 21
Луѓето ме слушаа и чекаа; молчеа додека го слушаа мојот совет.
- 22
По моите зборови немаа што да додадат; мојот говор паѓаше врз нив како капки дожд.
- 23
Ме очекуваа како дожд и ја отвораа устата како за доцниот дожд.
- 24
Кога ќе им се насмевнев, едвај веруваа од радост; светлината на моето лице им даваше сила.
- 25
Јас го избирав нивниот пат и седев како нивен водач; живеев меѓу нив како цар меѓу својата војска, како оној што ги утешува ожалостените.“