Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 3

  1. 1

    Потоа Јов ја отвори својата уста и го проколна денот на своето раѓање.

  2. 2

    Јов проговори и рече:

  3. 3

    „Нека исчезне денот кога се родив и ноќта кога беше речено: ‚Зачнато е машко дете!‘

  4. 4

    Тој ден нека стане темнина; Бог од висините нека не се грижи за него и светлина нека не засветли над него.

  5. 5

    Темнина и смртна сенка нека го земат за свој; густ облак нека се спушти над него и мракот на денот нека го исплаши.

  6. 6

    Таа ноќ нека ја обземе густа темнина; нека не се вброи меѓу деновите на годината и нека не влезе во бројот на месеците.

  7. 7

    Таа ноќ нека остане пуста; никаков радосен глас нека не се слуша во неа.

  8. 8

    Нека ја проколнат оние што проколнуваат денови, оние што умеат да го разбудат Левијатан.

  9. 9

    Нека потемнат ѕвездите на нејзиниот самрак; нека очекува светлина, но да не ја дочека, и да не ги види зраците на зората,

  10. 10

    затоа што не ги затвори вратите на утробата што ме носеше и не ја сокри маката од моите очи.

  11. 11

    Зошто не умрев уште при раѓањето? Зошто не издивнав кога излегов од утробата?

  12. 12

    Зошто ме примија колената и зошто имаше гради да цицам?

  13. 13

    Зашто сега ќе лежев спокоен, ќе спиев и ќе имав мир,

  14. 14

    заедно со царевите и советниците на земјата, кои си обновуваа разурнати места,

  15. 15

    или со владетелите што имаа злато и ги полнеа своите домови со сребро.

  16. 16

    Или зошто не бев како скриен недоносен плод, како деца што никогаш не виделе светлина?

  17. 17

    Таму безбожните престануваат да беснеат, а изморените наоѓаат одмор.

  18. 18

    Таму заробениците заедно почиваат и повеќе не го слушаат гласот на надзорникот.

  19. 19

    Таму се и малиот и големиот, а слугата е ослободен од својот господар.

  20. 20

    Зошто му се дава светлина на несреќниот и живот на оние со огорчена душа,

  21. 21

    кои ја очекуваат смртта, а таа не доаѓа, и ја бараат повеќе од скриено богатство;

  22. 22

    кои многу се радуваат и се веселат кога ќе го најдат гробот?

  23. 23

    Зошто му се дава живот на човек чиј пат е скриен и кого Бог го оградил од сите страни?

  24. 24

    Зашто воздишките ми доаѓаат наместо леб, а моите офкања се излеваат како вода.

  25. 25

    Она од што најмногу се плашев ме снајде; она од што стравував дојде врз мене.

  26. 26

    Немам мир, немам спокој, немам одмор — дојде само неволја.“