Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 4

  1. 1

    Тогаш Елифаз Теманецот одговори и рече:

  2. 2

    „Ако се обидеме да ти кажеме нешто, ќе ти биде ли тешко? Но кој може да се воздржи од зборување?

  3. 3

    Ете, ти поучуваше мнозина и ги зајакнуваше ослабените раце.

  4. 4

    Твоите зборови го подигаа оној што се сопнуваше и ги зацврстуваа колената што се тресеа.

  5. 5

    А сега, кога неволјата дојде врз тебе, ти изнемоштуваш; кога те допре, се уплаши.

  6. 6

    Зар твојата стравопочит кон Бог не е твоја сигурност, а непорочноста на твоите патишта — твоја надеж?

  7. 7

    Сети се: кој невин некогаш пропаднал? И каде биле истребени праведните?

  8. 8

    Колку што сум видел, оние што ораат беззаконие и сеат неволја, истото и го жнеат.

  9. 9

    Од Божјиот здив пропаѓаат и од здивот на Неговиот гнев исчезнуваат.

  10. 10

    Лавот рика и силниот лав пушта глас, но забите на младите лавови се кршат.

  11. 11

    Силниот лав пропаѓа поради недостаток на плен, а младенчињата на лавицата се распрснуваат.

  12. 12

    До мене тајно стигна еден збор и моето уво чу тивок шепот.

  13. 13

    Среде вознемирувачките мисли од ноќните виденија, кога длабок сон паѓа врз луѓето,

  14. 14

    ме обзеде страв и трепет и сите мои коски се затресоа.

  15. 15

    Некој дух помина пред моето лице и влакната на моето тело се накренаа.

  16. 16

    Застана, но не можев да го препознаам неговиот изглед. Некаков лик стоеше пред моите очи; во тишината слушнав глас:

  17. 17

    ‚Може ли смртниот човек да биде поправеден од Бог? Може ли човекот да биде почист од својот Создател?

  18. 18

    Ете, Бог не им се доверува целосно ни на Своите слуги и на Своите ангели им наоѓа недостаток.

  19. 19

    Колку повеќе на оние што живеат во куќи од глина, чии темели се во правта и кои можат да бидат здробени како молец!

  20. 20

    Од утро до вечер се кршат; засекогаш исчезнуваат, а никој не обрнува внимание.

  21. 21

    Зар не им се кине јажето на нивниот шатор? Умираат без да стекнат мудрост.‘“