Јов
Глава 5
- 1
„Повикај сега! Има ли некој што ќе ти одговори? Кон кого од светите ќе се свртиш?
- 2
Зашто гневот го убива безумниот, а зависта го погубува лековерниот.
- 3
Видов безумен како пушта корен, но одеднаш неговиот дом го видов под проклетство.
- 4
Неговите деца се далеку од спасение; ги газат кај градската порта и нема кој да ги избави.
- 5
Неговата жетва ја јаде гладниот и ја зема дури и од трњето, а замката му го голта богатството.
- 6
Зашто неволјата не излегува од правта, ниту маката никнува од земјата.
- 7
Но човекот се раѓа за мака, како што искрите летаат нагоре.
- 8
Јас, пак, би Го побарал Бог и својата работа би Му ја доверил Нему.
- 9
Тој прави големи и неистражливи дела, чудеса без број.
- 10
Тој дава дожд врз земјата и испраќа вода врз полињата.
- 11
Понижените ги издига високо, а ожалостените ги води кон спасение.
- 12
Тој ги руши замислите на лукавите, па нивните раце не можат да го извршат она што го намислиле.
- 13
Ги фаќа мудрите во нивната сопствена лукавост, а советот на итрите брзо пропаѓа.
- 14
Среде ден наидуваат на темнина и напладне пипаат како во ноќ.
- 15
Но Бог го спасува сиромавиот од мечот на нивната уста и од раката на силниот.
- 16
Така сиромавиот има надеж, а неправдата ја затвора својата уста.
- 17
Ете, блажен е човекот кого Бог го укорува; затоа не отфрлај ја поуката на Семоќниот.
- 18
Зашто Тој ранува, но и преврзува; Тој удира, но Неговите раце и исцелуваат.
- 19
Од шест неволји ќе те избави, а во седмата злото нема да те допре.
- 20
Во глад ќе те избави од смрт, а во војна од силата на мечот.
- 21
Ќе бидеш сокриен од камшикот на јазикот и нема да се плашиш кога ќе дојде пустош.
- 22
На пустошот и гладот ќе им се смееш и нема да се плашиш од земните ѕверови.
- 23
Зашто ќе имаш сојуз со камењата на полето, а полските ѕверови ќе живеат во мир со тебе.
- 24
Ќе знаеш дека во твојот шатор има мир; кога ќе го прегледаш својот дом, ништо нема да ти недостига.
- 25
Ќе знаеш дека твоето потомство ќе биде многубројно и твоите наследници како тревата на земјата.
- 26
Во длабока старост ќе слезеш во гробот, како сноп жито што се собира во свое време.
- 27
Ете, ова го испитавме и така е. Слушни го и прими го за себе.“