Јов
Глава 42
- 1
Тогаш Јов Му одговори на Господ и рече:
- 2
„Знам дека Ти можеш сѐ и дека ниедна Твоја намера не може да биде спречена.
- 3
Ти праша: ‚Кој е тој што го затемнува Мојот совет без знаење?‘ Навистина, зборував за она што не го разбирав, за работи премногу чудесни за мене, кои не ги знаев.
- 4
Ти рече: ‚Слушај сега, а Јас ќе зборувам; Јас ќе те прашувам, а ти одговори Ми.‘
- 5
Досега само со ушите слушав за Тебе, а сега моето око Те гледа.
- 6
Затоа се откажувам од своите зборови и се каам во прав и пепел.“
- 7
Откако Господ му ги кажа овие зборови на Јов, Господ му рече на Елифаз Теманецот: „Мојот гнев се разгори против тебе и против твоите двајца пријатели, зашто не зборувавте исправно за Мене како Мојот слуга Јов.
- 8
Затоа земете седум бикови и седум овни, одете кај Мојот слуга Јов и принесете паленица за себе. Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас и Јас ќе ја прифатам неговата молитва, за да не постапам со вас според вашата глупост, зашто не зборувавте исправно за Мене како Мојот слуга Јов.“
- 9
Тогаш Елифаз Теманецот, Билдад Шуахецот и Цофар Нааматецот отидоа и направија како што им заповеда Господ. И Господ ја прифати молитвата на Јов.
- 10
Господ ја промени состојбата на Јов кога тој се помоли за своите пријатели, и Господ му даде двојно повеќе од сѐ што имаше порано.
- 11
Тогаш кај него дојдоа сите негови браќа, сите негови сестри и сите што порано го познаваа. Јадеа со него во неговиот дом, жалеа со него и го утешуваа поради сета несреќа што Господ дозволи да го снајде. Секој му даде по една кесита и по една златна обетка.
- 12
Господ го благослови подоцнежниот живот на Јов повеќе од неговиот почеток. Тој имаше четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада чифта волови и илјада магарици.
- 13
Имаше и седум синови и три ќерки.
- 14
На првата ѝ го даде името Јемима, на втората Кеција, а на третата Керен-Хапух.
- 15
Во целата земја немаше толку убави жени како ќерките на Јов, а нивниот татко им даде наследство заедно со нивните браќа.
- 16
По ова Јов живееше уште сто и четириесет години и ги виде своите синови и своите внуци до четврто поколение.
- 17
И Јов умре стар и сит од живот.