Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 11

  1. 1

    Беше болен еден човек по име Лазар, од Витанија, селото во кое живееја Марија и нејзината сестра Марта.

  2. 2

    Марија беше онаа што Го помаза Господ со миризливо масло и Му ги избриша нозете со својата коса; нејзиниот брат Лазар беше болен.

  3. 3

    Затоа сестрите испратија да Му кажат: „Господи, ете, оној што го љубиш е болен.“

  4. 4

    Кога Исус го чу тоа, рече: „Оваа болест не е за смрт, туку за Божја слава, за преку неа да се прослави Божјиот Син.“

  5. 5

    А Исус ги сакаше Марта, нејзината сестра и Лазар.

  6. 6

    Кога чу дека е болен, остана уште два дена на местото каде што беше.

  7. 7

    Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!“

  8. 8

    Учениците Му рекоа: „Учителе, неодамна Јудејците сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно одиш таму?“

  9. 9

    Исус одговори: „Нема ли дванаесет часа во денот? Кој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет.

  10. 10

    А кој оди ноќе, се сопнува, зашто светлината не е во него.“

  11. 11

    Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, нашиот пријател, заспал; но ќе отидам да го разбудам.“

  12. 12

    Тогаш учениците Му рекоа: „Господи, ако заспал, ќе оздрави.“

  13. 13

    Исус го рече тоа за неговата смрт, а тие мислеа дека зборува за обично спиење.

  14. 14

    Тогаш рече Исус отворено: „Лазар умре.

  15. 15

    И поради вас се радувам што не бев таму, за да поверувате. Но да одиме кај него.“

  16. 16

    Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: „Да отидеме и ние да умреме со него.“

  17. 17

    Кога дојде Исус, дозна дека Лазар веќе четири дена е во гробот.

  18. 18

    Витанија беше близу до Ерусалим, оддалечена околу три километри.

  19. 19

    Многу Јудејци беа дошле кај Марта и Марија, за да ги утешат за нивниот брат.

  20. 20

    Кога чу Марта дека доаѓа Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома.

  21. 21

    Тогаш Марта Му рече на Исус: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре мојот брат.

  22. 22

    Но сега знам што и да побараш од Бог, Бог ќе Ти даде.“

  23. 23

    Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне.“

  24. 24

    Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението во последниот ден.“

  25. 25

    Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот. Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.

  26. 26

    И секој што живее и верува во Мене нема да умре довека. Веруваш ли во ова?“

  27. 27

    Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека Ти си Христос, Божјиот Син, Кој доаѓа во светот.“

  28. 28

    Кога го рече тоа, отиде и тајно ја повика својата сестра Марија: „Учителот е тука и те повикува.“

  29. 29

    Кога го чу тоа, таа бргу стана и отиде кај Него.

  30. 30

    Зашто Исус сѐ уште не беше влегол во селото, туку беше на местото каде што Го пречека Марта.

  31. 31

    Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче.

  32. 32

    А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус и Го виде, падна пред Неговите нозе и рече: „Господи, да беше Ти овде, немаше да умре мојот брат.“

  33. 33

    Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, длабоко се вознемири во духот и се потресе,

  34. 34

    Па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“

  35. 35

    Исус заплака.

  36. 36

    Тогаш Јудејците рекоа: „Гледајте колку го љубеше!“

  37. 37

    Но некои од нив рекоа: „Не можеше ли Овој, Кој му ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“

  38. 38

    Исус повторно длабоко се вознемири и дојде до гробот. Тоа беше пештера, а пред неа имаше камен.

  39. 39

    Исус рече: „Тргнете го каменот!“ Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, веќе мириса, зашто е четири дена во гробот.“

  40. 40

    Исус ѝ рече: „Не ли ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“

  41. 41

    Тогаш го тргнаа каменот. Исус ги подигна очите нагоре и рече: „Татко, Ти благодарам што Ме услиша.

  42. 42

    А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков поради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.“

  43. 43

    Кога го рече ова, извика со висок глас: „Лазаре, излези надвор!“

  44. 44

    Умрениот излезе, со рацете и нозете завиткани во погребни платна, а лицето му беше завиткано со крпа. Исус им рече: „Одврзете го и оставете го да оди.“

  45. 45

    Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.

  46. 46

    А некои од нив отидоа кај фарисеите и им рекоа што направи Исус.

  47. 47

    Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу знаци.

  48. 48

    Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него; тогаш ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги одземат и местото и народот.“

  49. 49

    Еден од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие не знаете ништо;

  50. 50

    ниту размислувате дека е подобро за вас еден Човек да умре за народот, отколку целиот народ да пропадне.“

  51. 51

    А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи беше првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;

  52. 52

    И не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените Божји деца.

  53. 53

    Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат.

  54. 54

    Затоа Исус повеќе не одеше јавно меѓу Јудејците, туку замина оттаму во крајот близу пустината, во градот наречен Ефрем, и таму остана со Своите ученици.

  55. 55

    А се наближуваше јудејската Пасха и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасхата, за да се очистат.

  56. 56

    Тогаш Го побараа Исус и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: „Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?“

  57. 57

    А првосвештениците и фарисеите веќе беа издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат.