Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 13

  1. 1

    Пред Празникот Пасха, Исус знаеше дека дошол Неговиот час да премине од овој свет кај Таткото; и откако ги засака Своите што беа во светот, ги засака докрај.

  2. 2

    За време на вечерата, ѓаволот веќе беше ставил во срцето на Јуда Искариот, синот на Симон, да Го предаде.

  3. 3

    Исус знаеше дека Таткото Му предал сѐ во рацете и дека од Бог излегол и кај Бог оди.

  4. 4

    Стана од трпезата, ја соблече Својата горна облека, зеде крпа и се препаша;

  5. 5

    Потоа истури вода во леген и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан.

  6. 6

    Кога дојде кај Симон Петар, тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“

  7. 7

    Исус одговори и му рече: „Сега не знаеш што правам Јас, но подоцна ќе разбереш.“

  8. 8

    Петар Му рече: „Никогаш нема да ми ги измиеш нозете!“ Исус му одговори: „Ако не те измијам, немаш дел со Мене.“

  9. 9

    Симон Петар Му рече: „Господи, тогаш не само моите нозе, туку и рацете и главата.“

  10. 10

    Исус му рече: „Оној што е избањат треба да ги измие само нозете, зашто целиот е чист. И вие сте чисти, но не сите.“

  11. 11

    Тој знаеше кој ќе Го предаде, па затоа и рече: „Не сите сте чисти.“

  12. 12

    Откако им ги изми нозете, ја облече Својата облека, повторно седна на трпезата и им рече: „Разбирате ли што ви направив?

  13. 13

    Вие Ме нарекувате Учител и Господ, и добро велите, зашто тоа сум.

  14. 14

    Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете.

  15. 15

    Ви дадов пример за да правите и вие како што Јас ви направив.

  16. 16

    Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил.

  17. 17

    Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате.

  18. 18

    Не го кажувам ова за сите вас, зашто Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој го јаде Мојот леб, ја подигна својата пета против Мене.‘

  19. 19

    Отсега ви кажувам пред да се случи, за кога ќе се случи да поверувате дека Јас Сум.

  20. 20

    Вистина, вистина ви велам: кој го прима оној што Јас го испраќам, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној Кој Ме испрати.“

  21. 21

    Штом го рече ова, Исус длабоко се вознемири, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.“

  22. 22

    Тогаш учениците почнаа да се погледуваат еден до друг, не разбирајќи за кого зборува.

  23. 23

    А еден од Неговите ученици, кого Исус го љубеше, беше наслонет на градите на Исус.

  24. 24

    Симон Петар му даде знак да праша за кого зборува.

  25. 25

    Тој се навали на градите на Исус и Му рече: „Господи, кој е?“

  26. 26

    Исус одговори: „Оној е на кого ќе му го дадам залакот откако ќе го натопам.“ Потоа го натопи залакот и му го даде на Јуда Искариот, синот на Симон.

  27. 27

    По залакот сатаната влезе во него. Тогаш Исус му рече: „Што правиш, направи го бргу.“

  28. 28

    А никој од оние што седеа на трпезата не разбра зошто му го рече тоа.

  29. 29

    Но, бидејќи Јуда го чуваше ковчежето, некои помислија дека Исус му рече: „Купи што ни треба за празникот!“ или дека треба да раздаде нешто на сиромасите.

  30. 30

    Откако го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ.

  31. 31

    Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Човечкиот Син и Бог се прослави во Него.

  32. 32

    [Ако Бог се прослави во Него,] и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави.

  33. 33

    Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Јудејците: ‚Каде што одам Јас, вие не можете да дојдете‘, така и вам ви велам сега.

  34. 34

    Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како што Јас ве засакав, така и вие да се љубите еден со друг.

  35. 35

    По тоа сите ќе знаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов еден кон друг.“

  36. 36

    Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?“ Исус му одговори: „Каде што одам Јас, сега не можеш да дојдеш по Мене, но подоцна ќе Ме следиш.“

  37. 37

    Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Својот живот ќе го положам за Тебе.“

  38. 38

    Исус му одговори: „Животот ли ќе го положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: петел нема да запее додека трипати не се одречеш од Мене.“