Јован
Глава 14
„Да не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог, и во Мене верувајте. (Јован 14:1)
Во домот на Мојот Татко има многу живеалишта. Ако не беше така, ќе ви кажев ли дека одам да ви подготвам место? (Јован 14:2)
И кога ќе отидам и ќе ви подготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве земам кај Себе, за и вие да бидете каде што сум Јас. (Јован 14:3)
А каде одам Јас, патот го знаете.“ (Јован 14:4)
Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го најдеме?“ (Јован 14:5)
Исус му рече: „Јас сум Патот, Вистината и Животот. Никој не доаѓа кај Таткото освен преку Мене. (Јован 14:6)
Ако Ме познавате, ќе Го познаете и Мојот Татко. Отсега Го познавате и сте Го виделе.“ (Јован 14:7)
Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Таткото, и доста ни е!“ (Јован 14:8)
Исус му рече: „Толку време сум со вас, а не Ме позна, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Таткото. Како тогаш велиш: ‚Покажи ни Го Таткото‘? (Јован 14:9)
Не веруваш ли дека Јас сум во Таткото и Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам не ги зборувам Сам од Себе; туку Таткото, Кој останува во Мене, ги врши делата. (Јован 14:10)
Верувајте Ми дека Јас сум во Таткото и Таткото е во Мене; а ако не, верувајте поради самите дела. (Јован 14:11)
Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, и тој ќе ги врши делата што Јас ги вршам, и поголеми од овие ќе врши, зашто Јас одам кај Таткото. (Јован 14:12)
И што и да побарате во Мое име, тоа ќе го направам, за да се прослави Таткото во Синот. (Јован 14:13)
Ако побарате нешто од Мене во Мое име, Јас ќе го направам. (Јован 14:14)
Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди. (Јован 14:15)
Јас ќе Го помолам Таткото, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека, (Јован 14:16)
Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто останува со вас и ќе биде во вас. (Јован 14:17)
Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас. (Јован 14:18)
Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете. (Јован 14:19)
Во оној ден ќе знаете дека Јас сум во Мојот Татко, вие во Мене и Јас во вас. (Јован 14:20)
Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби, Мојот Татко ќе го љуби; и Јас ќе го љубам и ќе му се објавам.“ (Јован 14:21)
Јуда, не Искариот, Му рече: „Господи, зошто ќе ни се објавиш нам, а не на светот?“ (Јован 14:22)
Исус му одговори: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази Мојот збор; и Мојот Татко ќе го љуби, и ќе дојдеме кај него и ќе направиме Свој дом кај него. (Јован 14:23)
Кој не Ме љуби, не ги пази Моите зборови; а зборот што го слушате не е Мој, туку на Таткото Кој Ме испрати. (Јован 14:24)
Ова ви го кажав додека сум со вас. (Јован 14:25)
А Утешителот, Светиот Дух, Кого Таткото ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков. (Јован 14:26)
Мир ви оставам; Мојот мир ви го давам. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши. (Јован 14:27)
Чувте дека ви реков: ‚Си одам и повторно ќе дојдам кај вас.‘ Ако Ме љубевте, ќе се радувавте што одам кај Таткото, зашто Таткото е поголем од Мене. (Јован 14:28)
И сега ви кажав пред да се случи, та кога ќе се случи да поверувате. (Јован 14:29)
Нема веќе многу да зборувам со вас, зашто доаѓа владетелот на овој свет, и во Мене тој нема ништо. (Јован 14:30)
Но светот треба да знае дека Го љубам Таткото и дека правам како што Ми заповеда Таткото. Станете, да си одиме оттука!“ (Јован 14:31)