Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 16

  1. „Ова ви го кажав за да не отпаднете од верата.

  2. Ќе ве исклучуваат од синагогите; и доаѓа час кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека Му служи на Бог.

  3. И тоа ќе го прават, зашто не Го познаа Таткото ниту Мене.

  4. Но ви го кажав ова за да се сетите, кога ќе дојде нивниот час, дека ви го реков. Не ви го кажав од почетокот, зашто бев со вас.

  5. А сега одам кај Оној Кој Ме прати, и никој од вас не Ме прашува: ‚Каде одиш?‘

  6. Но затоа што ви го кажав ова, вашите срца се исполнија со тага.

  7. Но Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас Јас да си заминам; зашто ако не си заминам, Утешителот нема да дојде кај вас; а ако си заминам, ќе ви Го испратам.

  8. А кога ќе дојде Тој, ќе го изобличи светот за грев, за праведност и за суд:

  9. за грев – затоа што не веруваат во Мене;

  10. за праведност – затоа што одам кај Таткото и повеќе нема да Ме гледате;

  11. А за суд – зашто владетелот на овој свет е осуден.

  12. Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да ги поднесете.

  13. А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве води во сета вистина; зашто нема да зборува Сам од Себе, туку ќе го зборува она што ќе го чуе и ќе ви го објави она што доаѓа.

  14. Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви објави.

  15. Сѐ што има Таткото е Мое; затоа реков дека ќе земе од Моето и ќе ви објави.

  16. Уште малку, и нема да Ме гледате, а повторно уште малку, и ќе Ме видите.“

  17. Тогаш некои од Неговите ученици си рекоа: „Што значи тоа што ни вели: ‚Уште малку и нема да Ме гледате, и повторно уште малку и ќе Ме видите‘, и: ‚Одам кај Таткото‘?“

  18. Затоа велеа: „Што значи тоа ‚уште малку‘? Не знаеме што зборува.“

  19. Исус знаеше дека сакаат да Го прашаат, па им рече: „За тоа ли се распрашувате меѓу себе што реков: ‚Уште малку и нема да Ме гледате, и повторно уште малку и ќе Ме видите‘?

  20. Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но вашата жалост ќе се претвори во радост.

  21. Кога жената раѓа, има болка, зашто ѝ дошол часот; но кога ќе го роди детето, повеќе не се сеќава на маката, од радост што се роди човек на светот.

  22. Така и вие сега имате жалост; но повторно ќе ве видам, и вашето срце ќе се радува, и никој нема да ви ја одземе радоста.

  23. Во тој ден нема да Ме прашате ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да побарате од Таткото во Мое име, ќе ви даде.

  24. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.

  25. Ова ви го кажував во споредби; но доаѓа час кога повеќе нема да ви зборувам во споредби, туку отворено ќе ви објавам за Таткото.

  26. Во тој ден ќе барате во Мое име, и не ви велам дека Јас ќе Го молам Таткото за вас;

  27. зашто Самиот Татко ве љуби, бидејќи вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас излегов од Бог.

  28. Излегов од Таткото и дојдов во светот; повторно го оставам светот и одам кај Таткото.“

  29. Неговите ученици Му рекоа: „Еве, сега зборуваш отворено и не кажуваш никаква споредба.

  30. Сега знаеме дека знаеш сѐ и немаш потреба некој да Те прашува. По тоа веруваме дека си излегол од Бог.“

  31. Им одговори Исус: „Сега ли верувате?

  32. Ете, доаѓа часот, и веќе дошол, кога ќе се разбегате секој кај своите и ќе Ме оставите Сам. Но не сум Сам, зашто Таткото е со Мене.

  33. Ова ви го кажав за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате неволја; но бидете храбри – Јас го победив светот.“