Јован
Глава 17
- 1
Откако го кажа тоа, Исус ги подигна очите кон небото и рече: „Татко, дојде часот. Прослави Го Својот Син, за и Синот да Те прослави Тебе,
- 2
како што Му даде власт над секој човек, за на сите што си Му ги дал да им даде вечен живот.
- 3
А вечниот живот е во тоа: да Те познаат Тебе, единствениот вистински Бог, и Исус Христос, Кого Го испрати.
- 4
Јас Те прославив на земјата; го довршив делото што Ми го даде да го извршам.
- 5
А сега, Татко, прослави Ме кај Себе со славата што ја имав кај Тебе пред да постои светот.
- 6
Го објавив Твоето име на луѓето што Ми ги даде од светот. Твои беа и Ти Ми ги даде, и тие го запазија Твојот збор.
- 7
Сега знаат дека сѐ што си Ми дал е од Тебе,
- 8
зашто зборовите што Ми ги даде им ги предадов; тие ги примија и навистина разбраа дека излегов од Тебе, и поверуваа дека Ти Ме испрати.
- 9
Јас се молам за нив. Не се молам за светот, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои.
- 10
Сѐ што е Мое е Твое, и Твоето е Мое; и Јас се прославив во нив.
- 11
Јас повеќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас доаѓам кај Тебе. Свет Татко, зачувај ги во Твоето име, кое Ми го даде, за да бидат едно како Ние.
- 12
Додека бев со нив, Јас ги чував во Твоето име, кое Ми го даде; и ги зачував, и никој од нив не загина освен синот на погибелта, за да се исполни Писмото.
- 13
А сега доаѓам кај Тебе, и ова го кажувам во светот за Мојата радост да биде исполнета во нив.
- 14
Јас им го дадов Твојот збор, а светот ги замрази, зашто не се од светот, како што ни Јас не сум од светот.
- 15
Не Те молам да ги земеш од светот, туку да ги зачуваш од лукавиот.
- 16
Тие не се од светот, како што ни Јас не сум од светот.
- 17
Освети ги во вистината; Твојот збор е вистина.
- 18
Како што Ти Ме испрати во светот, така и Јас ги испратив во светот.
- 19
И за нив се посветувам Себеси, за и тие да бидат осветени во вистината.
- 20
Не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивниот збор ќе поверуваат во Мене,
- 21
за сите да бидат едно, како што си Ти, Татко, во Мене и Јас во Тебе; и тие да бидат во Нас, за светот да поверува дека Ти Ме испрати.
- 22
Славата што Ми ја даде, Јас им ја дадов ним, за да бидат едно, како што сме Ние едно:
- 23
Јас во нив и Ти во Мене, за да бидат совршено едно и светот да познае дека Ти Ме испрати и дека ги засака нив како што Ме засака Мене.
- 24
Татко, сакам оние што си Ми ги дал да бидат со Мене каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што Ми ја даде, зашто Ме засака пред создавањето на светот.
- 25
Праведен Татко, светот не Те позна, но Јас Те познав; а тие разбраа дека Ти Ме испрати.
- 26
И им го објавив Твоето име, и ќе го објавувам, за љубовта со која Ти Ме засака да биде во нив, и Јас во нив.“