Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 18

  1. 1

    Откако го рече ова, Исус отиде со Своите ученици преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и Неговите ученици.

  2. 2

    А тоа место го знаеше и Јуда, кој ќе Го предаде, зашто Исус често се собираше со Своите ученици таму.

  3. 3

    Тогаш Јуда зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите и дојде таму со фенери, светилки и оружје.

  4. 4

    А Исус, знаејќи сѐ што ќе Му се случи, излезе и им рече: „Кого го барате?“

  5. 5

    Му одговорија: „Исус од Назарет.“ Исус им рече: „Јас Сум.“ А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник.

  6. 6

    А кога им рече: „Јас Сум“ – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.

  7. 7

    Повторно ги праша: „Кого го барате?“ Тие рекоа: „Исус од Назарет.“

  8. 8

    Исус одговори: „Ви реков дека Јас Сум. Затоа, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат.“

  9. 9

    Така се исполни зборот што го рече: „Од оние што Ми ги даде, не изгубив никого.“

  10. 10

    А Симон Петар, кој имаше меч, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.

  11. 11

    Но Исус му рече на Петар: „Стави го мечот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Таткото?“

  12. 12

    Тогаш четата, заповедникот и јудејските слуги Го фатија Исус и Го врзаа.

  13. 13

    Најнапред Го одведоа кај Ана, зашто тој беше тест на Кајафа, кој таа година беше првосвештеник.

  14. 14

    А Кајафа беше оној што им беше дал совет на Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот.

  15. 15

    По Исус одеа Симон Петар и друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот и влезе со Исус во дворот на првосвештеникот.

  16. 16

    А Петар стоеше надвор пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, разговараше со вратарката и го внесе Петар.

  17. 17

    Слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти еден од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“

  18. 18

    А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше.

  19. 19

    Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за Неговите ученици и за Неговото учење.

  20. 20

    Исус му одговори: „Јас јавно му зборував на светот. Секогаш поучував во синагогите и во храмот, каде што се собираат сите Јудејци, и ништо не зборував тајно.

  21. 21

    Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушале, што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“

  22. 22

    Кога Тој го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“

  23. 23

    Исус му одговори: „Ако реков лошо, посочи што е лошо; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?“

  24. 24

    Тогаш Ана Го испрати врзан кај првосвештеникот Кајафа.

  25. 25

    А Симон Петар стоеше и се грееше. Му рекоа: „Да не си и ти еден од Неговите ученици?“ Тој се одрече: „Не сум.“

  26. 26

    Еден од слугите на првосвештеникот, кој му беше роднина на оној, кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Не те ли видов и тебе во градината со Него?“

  27. 27

    Петар повторно се одрече; и веднаш запеа петел.

  28. 28

    Потоа Го одведоа Исус од Кајафа во преторијата. Беше рано наутро. Тие не влегоа во преторијата за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата.

  29. 29

    Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „Во што Го обвинувате Овој Човек?“

  30. 30

    Му одговорија: „Ако Тој не беше злочинец, немаше да ти Го предадеме.“

  31. 31

    Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот Закон.“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено никого да погубиме.“

  32. 32

    Така се исполни Исусовиот збор со кој кажа со каква смрт ќе умре.

  33. 33

    Тогаш влезе Пилат во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“

  34. 34

    Исус му одговори: „Сам ли го велиш тоа или други ти кажаа за Мене?“

  35. 35

    Пилат одговори: „Зар јас сум Јудеец? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа кај мене. Што си направил?“

  36. 36

    Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Ако Моето царство беше од овој свет, Моите слуги ќе се бореа да не бидам предаден на Јудејците. Но Моето царство не е оттука.“

  37. 37

    А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој што е од вистината, го слуша Мојот глас.“

  38. 38

    Пилат Му рече: „Што е вистина?“ Откако го рече тоа, повторно излезе кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.

  39. 39

    Но кај вас има обичај да ви ослободам еден затвореник за Пасха. Сакате ли да ви Го ослободам Царот на Јудејците?“

  40. 40

    Тогаш сите повторно извикаа: „Не Овој, туку Варава!“ А Варава беше разбојник.