Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 19

  1. 1

    Тогаш Пилат Го зеде Исус и Го бичуваше.

  2. 2

    Војниците сплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Го облекоа во пурпурна наметка.

  3. 3

    Доаѓаа кај Него и велеа: „Радувај се, Царе на Јудејците!“ И Го удираа по образите.

  4. 4

    Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.“

  5. 5

    Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец и пурпурна наметка. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“

  6. 6

    Кога Го видоа првосвештениците и слугите, извикаа: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.“

  7. 7

    Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.“

  8. 8

    Кога Пилат ги чу овие зборови, повеќе се уплаши.

  9. 9

    И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор.

  10. 10

    Пилат Му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и власт да Те ослободам?“

  11. 11

    Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“

  12. 12

    Оттогаш Пилат бараше начин да Го пушти. Но Јудејците викаа: „Ако Го пуштиш Овој, не си пријател на кесарот. Секој што се прави цар се противи на кесарот.“

  13. 13

    Кога ги чу тие зборови, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судискиот стол, на местото што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата.

  14. 14

    Тогаш беше денот на подготовката за Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“

  15. 15

    Но тие извикаа: „Тргни Го! Тргни Го! Распни Го!“ Пилат им рече: „Вашиот Цар ли да Го распнам?“ Првосвештениците одговорија: „Немаме друг цар освен кесарот.“

  16. 16

    И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И тие Го зедоа Исус.

  17. 17

    Носејќи го Својот крст, Исус излезе кон местото наречено Череп, кое на еврејски се вика Голгота.

  18. 18

    Таму Го распнаа, а со Него уште двајца – едниот од едната, другиот од другата страна, а Исус во средината.

  19. 19

    Пилат напиша натпис и го постави на крстот. Беше напишано: „Исус Назареецот, Царот на Јудејците.“

  20. 20

    Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото каде што беше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.

  21. 21

    Тогаш јудејските првосвештеници му рекоа на Пилат: „Не пишувај: ‚Царот на Јудејците‘, туку дека Тој рекол: ‚Јас сум Царот на Јудејците.‘“

  22. 22

    Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“

  23. 23

    Кога Го распнаа Исус, војниците ја зедоа Неговата горна облека и ја разделија на четири дела, по еден дел за секој војник; го зедоа и хитонот. Хитонот не беше шиен, туку исткаен одозгора како едно парче.

  24. 24

    Затоа си рекоа: „Да не го кинеме, туку да фрлиме ждрепка кому ќе му припадне.“ Така се исполни Писмото: „Ја разделија Мојата облека меѓу себе, и за Мојата наметка фрлија ждрепка.“ Војниците така и направија.

  25. 25

    Кај Исусовиот крст стоеја Неговата мајка, сестрата на Неговата мајка, Марија Клеопова и Марија Магдалена.

  26. 26

    Кога Исус ја виде Својата мајка и ученикот кого го љубеше како стои близу, ѝ рече на Својата мајка: „Жено, еве ти син!“

  27. 27

    Потоа му рече на ученикот: „Еве ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе.

  28. 28

    Потоа Исус, знаејќи дека сѐ е веќе довршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“

  29. 29

    Таму стоеше сад полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го ставија на исоп и Му го принесоа до устата.

  30. 30

    Кога Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!“ И ја наведна главата и го предаде духот.

  31. 31

    Бидејќи беше денот на подготовката, Јудејците не сакаа телата да останат на крстот во сабота – зашто таа сабота беше голем ден – па го замолија Пилат да им ги прекршат нозете и да ги симнат.

  32. 32

    Тогаш дојдоа војниците и му ги прекршија нозете на првиот, а потоа и на другиот што беше распнат со Него.

  33. 33

    А кога дојдоа до Исус и Го видоа дека веќе беше мртов, не Му ги прекршија нозете;

  34. 34

    Но еден од војниците Му ја прободе страната со копје, и веднаш истекоа крв и вода.

  35. 35

    Оној што го виде тоа посведочи, и неговото сведоштво е вистинито; и тој знае дека ја кажува вистината, за и вие да поверувате.

  36. 36

    Зашто ова се случи за да се исполни Писмото: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена.“

  37. 37

    И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“

  38. 38

    Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше ученик на Исус, но тајно поради страв од Јудејците, го замоли Пилат да му дозволи да го земе телото на Исус. Пилат дозволи. Тогаш дојде и го зеде Неговото тело.

  39. 39

    Дојде и Никодим, кој порано беше дошол кај Исус ноќе, и донесе околу триесет и три килограми смеса од смирна и алое.

  40. 40

    Тие го зедоа телото на Исус и го завиткаа во платна со миризливите состојки, според јудејскиот погребен обичај.

  41. 41

    На она место каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.

  42. 42

    Таму Го положија Исус, поради јудејскиот ден на подготовката, зашто гробот беше близу.