Јона
Глава 3
- 1
Господовиот збор повторно му дојде на Јона, велејќи му:
- 2
„Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај му го она што ќе ти кажам.“
- 3
Стана Јона и отиде во Ниневија според Господовиот збор; а Ниневија беше многу голем град: три дена одење.
- 4
И Јона почна да оди по градот, колку што можеше да се изоди за еден ден, и проповедаше, велејќи: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!“
- 5
И Ниневијците Му поверуваа на Бог, прогласија пост и се облекоа во вреќи, од најмалиот до најголемиот.
- 6
Таа проповед дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од својот престол, ја соблече царската облека, се облече во вреќа и седна во пепел,
- 7
па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци - ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат;
- 8
и луѓето и добитокот да бидат покриени со груби покајнички платна и силно да извикуваат кон Бог: секој да се откаже од својот лош пат и од насилството на своите раце.
- 9
Кој знае - можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме.
- 10
И ги виде Бог нивните дела, зашто тие се одвратија од својот лош пат, па се откажа од казната што беше рекол дека ќе им ја нанесе и не ја изврши.