Јона
Глава 4
- 1
Поради тоа Јона многу се разгневи.
- 2
Па Му се помоли на Господ и рече: „О, Господи, зар не го велев тоа уште додека бев во својата земја? Та затоа и побегнав во Тарсис, зашто знаев дека Ти си Бог добар и милосрден, долготрпелив и многумилостив, па се откажуваш од казната.
- 3
А сега, Господи, земи го мојот живот, зашто подобро е да умрам отколку да живеам.“
- 4
Господ пак му рече: „Зошто тоа толку многу те огорчи?“
- 5
Тогаш Јона излезе од градот, па седна од источната страна, и таму си направи засолниште и седна под неговата сенка, за да види што ќе стане со градот.
- 6
Господ Бог нареди едно растение да израсне над главата на Јона, за да има над главата сенка, и да го избави од неговата мака. Јона многу му се зарадува на тоа растение.
- 7
И нареди Господ, следниот ден, кога се зазори, црви да го подгризат растението и тоа се исуши.
- 8
А кога изгреа сонцето, испрати Бог врел источен ветар, и сонцето почна да ја вжештува главата на Јона, така што тој изнемошти толку што се помоли да умре, велејќи: „Подобро е да умрам отколку да живеам.“
- 9
А Бог му рече тогаш на Јона: „Па зар е добро тоа што се лутиш заради растението?“ А тој одговори: „Многу сум лут, лут сум дури до смрт!“
- 10
Тогаш Господ рече: „Тебе ти е жал за едно растение, за кое ти не си се трудел, ниту си го одгледувал, и кое за една ноќ израсна и се исуши,
- 11
а Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата, а и за многу добиток?“