Прескокни кон главната содржина

Михеј

Глава 1

  1. 1

    Господовиот збор што му дојде на Михеј од Морешет, во деновите на Јотам, Ахаз и Езекија, Јудини цареви, што го виде за Самарија и за Ерусалим.

  2. 2

    Чујте, сите народи, внимавај, земјо, и сѐ што те исполнува! Сведок нека е против вас Господ Бог, Господ од Својот свет храм!

  3. 3

    Зашто Господ, ете, излегува од Своето место, ќе слезе и ќе гази по земните височини,

  4. 4

    и планините ќе се расклатат под Него, долините ќе се растопат како восок од оган, како водата што се пролива низ стрмнини.

  5. 5

    И сето тоа ќе стане поради престапот на Јаков, поради гревот на Израелевиот дом. Кој е виновен за престапот на Јаков? Нели е тоа од Самарија? Од кого се идолските светилишта во Јуда? Нели се тоа од Ерусалим?

  6. 6

    Затоа од Самарија ќе направам купишта урнатини во полето, место за садење лози; ќе ги сринам нејзините камења во долина и ќе ѝ ги разголам основите.

  7. 7

    И сите нејзини резани ликови ќе се строшат и сите нивни дарови од блуд - со оган ќе бидат изгорени: сите идоли ќе ги разурнам; со дарови од блуд ги правела, и пак ќе бидат претворени во блуднички дарови.

  8. 8

    Поради тоа ќе заплачам и ќе заридам, ќе појдам бос и оголен, ќе вијам како шакал, ќе тажам како ној;

  9. 9

    зашто тежок е нејзиниот пораз; тоа дојде до Јуда, а стигна дури и до портите на Мојот народ - сѐ до Ерусалим.

  10. 10

    Не разгласувајте го ова во Гет, не плачете таму гласно, а во селото Офра посипете се со пепел.

  11. 11

    Иселете се, жители на Шафир, срамно разголени; нема да се спаси ни жителката на Цаанан, плачот во Бет-Ецел нема да ви дозволи да се задржите ни таму.

  12. 12

    Тагува за своето добро жителката на Марот, зашто злото од Господ слезе до ерусалимските порти.

  13. 13

    Впрегни брзи коњи во колата, жителко на Лахис, ти си почеток на гревот од Сионовата ќерка, зашто во тебе се појавија престапите на Израелот.

  14. 14

    Затоа ти ќе праќаш дарови во Моресет Гет; но куќите на Ахзив ќе бидат измама за Израелевите цареви.

  15. 15

    Ќе доведам и освојувач кај тебе, жителко на Мареша; и тој ќе дојде дури до Одолам, славата на Израелот.

  16. 16

    Истрижи ја косата и обричи ја главата поради своите мили деца; направи ја својата ќелавост широка како кај орел, зашто тие ќе бидат одведени од тебе во ропство.