Михеј
Глава 2
- 1
Тешко им на оние што кројат беззаконија и на своите легла измислуваат зли дела, и ги извршуваат штом ќе се зазори, зашто имаат моќ да ги извршат.
- 2
Ќе пожелат ниви - ги заземаат насила, куќи - ги отимаат; и го угнетуваат човекот, и неговата куќа, мажот и неговото наследство.
- 3
Затоа вака вели Господ: „Еве, Јас замислувам да испратам неволја против овој род, која не можете да ја отфрлите од својот врат, па затоа и нема да одите исправени; зашто тоа време ќе биде лошо.
- 4
Во она време ќе се зборува за вас, ќе плачат многу и ќе мислат: наполно сме разорени; делот од мојот народ е даден на друг; како да ми се врати? Нашите ниви се веќе разделени на другородци.“
- 5
Затоа нема да имате никого што ќе фрли жреб во собранието пред Господ.
- 6
Не проповедајте; не пророкувајте им за да не ве постигне зло.
- 7
О, ти, што се нарекуваш Јаковлев дом! Зар Господовиот Дух остана без трпение! Моите зборови зар не се благотворни за оној што постапува справедливо?
- 8
Но народот, кој некогаш беше Мој, сега стана непријател, и вие им ја грабите не само горната туку и долната облека на мирните луѓе, што се враќаат од војна.
- 9
Жените на Мојот народ ги истерувате од нивните пријатни домови; а од нивните деца ја одземате Мојата слава.
- 10
Станете и одете си, зашто ова не е земја за почивка; поради нечистотијата таа ќе биде разорена - и тоа со голема погибел.
- 11
Ако некој измамник измислува лага и вели: „Ќе ти проповедам за вино и за жесток пијалак“, тој би бил добар за пророк на овој народ.
- 12
Навистина ќе те соберам сиот, Јакове, навистина ќе го соберам Израелевиот остаток; ќе ги соберам во едно како овците во Восор, како стадо овци во кошара; ќе се разлева врева поради многубројноста.
- 13
Пред нив ќе тргне уривач на ѕидови; тие ќе ги разбијат преградите, ќе влезат низ портите и ќе излезат низ нив, и нивниот цар ќе тргне пред нив, и Господ - ќе биде на чело.