Михеј
Глава 3
- 1
Затоа реков - чујте, Јаковови водачи и владетели на Израелевиот дом: зар вие не знаете што е право?
- 2
А вие го мразите доброто и го сакате злото, ја дерете од нив кожата, и месото од нивните коски;
- 3
го јадете телото на Мојот народ и ја дерете нивната кожа, а нивните коски ги стругнувате и ги кршите како за во сад, и нивното месо го дробите како за во котел.
- 4
И тие ќе викаат кон Господ, но Тој нема да ги чуе и ќе го сокрие Своето лице од нив во времето, додека тие вршат злодејанија.
- 5
Така вели Господ против пророците, кои го воведуваат во заблуда Мојот народ, кои гризат со заби - а проповедаат мир; а ако некој не им стави ништо во уста, против него објавуваат војна.
- 6
Затоа, наместо видение, вие ќе гледате ноќ, наместо пророштво - темнина; и сонцето ќе зајде над тие пророци и денот ќе им потемнее над нив.
- 7
Ќе се засрамат видовитите, ќе бидат посрамени гледачите, и сите ќе ја затворат својата уста, зашто нема да добијат одговор од Бог.
- 8
Но јас сум исполнет со силата на Господовиот Дух, со правда и цврстина, за да му ги кажам на Јаков престапите и на Израелот - неговиот грев.
- 9
Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковлев, и владетели на Израелевиот дом, вие што се гнасите од правдата и искривувате сѐ што е право.
- 10
Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправедност.
- 11
Неговите водачи судат за подароци, свештениците учат за награди, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се надеваат на Господ, велејќи: „Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нѐ стигне.“
- 12
Затоа поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на храмот ќе зарасне во шума.