Михеј
Глава 4
- 1
И, ете, затоа во последните денови планината на Господовиот Дом ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите.
- 2
И ќе тргнат многу народи, и ќе речат: „Дојдете да се искачиме на Господовата планина и да влеземе во домот на Јаков - и Тој ќе нѐ научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по Неговите патеки; зашто од Сион ќе излезе Законот, и од Ерусалим - Господовиот збор.
- 3
Тој ќе им суди на многу народи и ќе пресуди многу племиња во далечни краишта; па ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја - во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат;
- 4
секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква, и никој нема да се плаши, зашто устата на Господ на небесните војски го изрекла тоа.
- 5
Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека.“
- 6
Во оној ден, вели Господ, ќе соберам сѐ што е хромо, и ќе го соберам протераното, и оние, над кои сум допуштил беда.
- 7
Од хромите ќе направам остаток, а од расеаните силен народ, и Господ ќе царува над нив на планината Сион од сега па довека.
- 8
А ти, куло на стадото, риде на Сионовата ќерка, кај тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството - кај Ерусалимската ќерка.
- 9
А зошто ти сега така гласно плачеш? Зар немаш цар или ти недостига советник, па те обзеле маки како кај родилка?
- 10
Страдај и мачи се од болки, ќерко Сионова, како родилка, зашто сега ќе излезеш од градот, ќе живееш во полето и ќе стигнеш во Вавилон. Таму ќе бидеш избавена, таму ќе те откупи Господ од рацете на твоите непријатели.
- 11
А сега се собрани многу народи против тебе и велат: „Нека биде осквернета и нашите очи да се нагледаат на Сион!“
- 12
Но тие не ги знаат замислите на Господ и не ги разбираат Неговите намери - дека Тој ги собрал како снопови на гумно.
- 13
Стани и удирај, ќерко Сионова, зашто Јас ќе го направам твојот рог железен и твоите копита бакарни; ќе прегазиш многу народи, и нивниот плен и нивното богатство ќе ги посветиш на Господ - Владетелот над целата земја.