Прескокни кон главната содржина

Михеј

Глава 5

  1. 1

    Собери ги своите чети, граде опколен. И пак сме опседнати, со стап ќе го бијат по образите Израелевиот судија.

  2. 2

    И ти, Витлееме Ефрата, иако си најмал меѓу Јудините родови, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израелот и чие потекло е од почетокот, од вечноста.

  3. 3

    Затоа Тој ќе ги остави до времето додека не роди онаа што треба да роди; тогаш кај Израелевите синови ќе се вратат и нивните други браќа.

  4. 4

    Ќе застане Тој и ќе ги пасе со силата на Господ, со величието на името на Господ, својот Бог - и тие ќе живеат во мир, зашто тогаш Тој ќе биде возвишен до краиштата на земјата.

  5. 5

    И Тој ќе биде мирот. Кога ќе дојде Асирија во нашата земја и ќе стапи во нашето владение, тогаш ние против него ќе поставиме седум пастири и осум народни владетели.

  6. 6

    Тогаш тие ќе ја испасат земјата Асирија со меч, а земјата на Нимрод покрај портите, и Тој ќе нѐ избави од Асирецот, кога ќе дојде во нашата земја и ќе влезе во нашите предели.

  7. 7

    А остатокот од Јаков меѓу многуте народи ќе биде како роса од Господ, како ситен дожд по трева. Тој нема да зависи од човек и нема да се потпира на луѓето.

  8. 8

    И остатокот на Јаков ќе биде меѓу народите, меѓу многу племиња, како лав меѓу шумски животни, како лавче меѓу овчо стадо; и кога ќе се појави, ќе гази и ќе раскинува и никој нема да може да се спаси од него.

  9. 9

    Тогаш ќе се крене Твојата рака над Твоите непријатели и тие ќе бидат истребени.

  10. 10

    И во оној ден, вели Господ, ќе ги истребам твоите коњи пред тебе и ќе ги уништам твоите коли;

  11. 11

    и ќе ги уништам градовите во твојата земја и ќе ги растурам сите твои тврдини;

  12. 12

    ќе ги истргнам магиите од твоите раце, и кај тебе нема да има веќе вражачи;

  13. 13

    ќе ги уништам идолите и резаните ликови меѓу тебе - и нема веќе да се поклонуваш на творби од твоите раце;

  14. 14

    и ќе ги искоренам идолските светилишта од твојата средина и ќе ги разорам твоите градови.

  15. 15

    Во гнев и со негодување ќе се одмаздам над народите што ќе бидат непослушни.