Прескокни кон главната содржина

Михеј

Глава 6

  1. 1

    Слушајте што вели Господ: „Стани, суди се пред горите, а ридовите нека го чујат твојот глас!

  2. 2

    Чујте го Господовиот суд, гори, и вие, цврсти основи на земјата, зашто Господ му суди на Својот народ, се бори со Израелот.

  3. 3

    Мојот народе, што ти направив и со што ти дотегнав? Одговори Ми.

  4. 4

    Јас те изведов од Египетската земја, те ослободив од домот на ропството и ги водев пред тебе Мојсеј, Арон и Маријам.

  5. 5

    Мојот народе, сети се што кроеше Валак, царот моавски, и што му одговори Валаам, синот на Веор и што стана од Ситим до Галгал - за да ги познаеш праведните дела на Господ.“

  6. 6

    „Со што да застанам пред Господ, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со жртви паленици, со едногодишни телци?

  7. 7

    Но може ли да Му се угоди на Господ со илјадници овни или неизмерни потоци масло? Дали да Му го дадам мојот првороден син за своите престапи и плодот на својата утроба - за гревовите на својата душа?“

  8. 8

    О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да постапуваш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да одиш пред твојот Бог.

  9. 9

    Господовиот глас вика кон градот и мудриот се плаши од Твоето име; слушајте го стапот и Оној, Кој те поставил.

  10. 10

    Па зар не се наоѓаат во домот на безбожникот неправедно богатство и мерка смалена, одвратна?

  11. 11

    Можам ли да бидам чист со нечесни мерила и со лажни тегови во торбата?

  12. 12

    Неговите богаташи се полни со неправедност, и неговите жители говорат неправедност, а и нивниот јазик е измамлив во нивната уста.

  13. 13

    Затоа ќе почнам да те поразувам со запустување поради твоите гревови.

  14. 14

    Ќе јадеш - и нема да се наситуваш; празнина ќе има внатре во тебе; ќе собираш, но нема да зачуваш, а она што ќе зачуваш, тоа Јас ќе го предадам на меч.

  15. 15

    Ќе сееш, но нема да жнееш; ќе гмечиш маслинки, но нема да се намажеш со масло; ќе цедиш гроздов сок, но нема да пиеш вино.

  16. 16

    Вие ги пазите обичаите на Амри и сите дела на Ахавовиот дом, и вие постапувате според нивните совети. Затоа ќе те предадам на запустување и твоите жители на потсмев, а вие ќе претрпите поруга од Мојот народ.